Свечља: Белград ги поддржува српските криминални групи во Косово

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, по повод денешниот напад со огнено оружје врз припадници на косовската гранична полиција во близина на границата со Србија, обвини „одредени српски структури“ дека поддржуваат српски криминални групи во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на социјалните мрежи по повод денешниот инцидент на езерото Газивода (Ујман), Свечља вели дека ова е втор пат за помалку од една недела да е извршен обид за убиство на косовски полицајци од страна на криминални групи.

Според Свечља, илегалните срспки групи во северно Косово, кои се бават со шверц на стоки од Србија, веќе и јавно се штитат и поддржуваат од официјални структури во Белград да ја спречат косовската полиција да ги извршува задачите.

– Околу 10 пати денеска е пукано врз службеници на пограничната полиција додека тие си ја вршеа службената должност, рутинска контрола на езерото Газивода. Српските илегални групи, кои сега веќе и јавно се штитат и поддржуваат од одредени српски структури, прават масимални напори да не спречат да ги вршиме нашите задачи во нашата земја. За помалку од една недела два пати криминалните структури пукаа кон нашите полициски припадници за да ги спречат или да ги убијат, напиша Свечља.

Косовската полиција денеска беше нападната со огнено оружје, додека пуштала патролен чамец во езерото Газивода (Ујман) на границата со Србија. Според полициското соопштение, имало околу десет пукотници од огнено оружје, кои дошле од другата, српската, страна на езерото, при што нема повредени полицајци или други лица.

Нападите врз полицијата во северно Косово, во близина на границата со Србија, зачестија во последните неколку месеци.

 

 

 

Back to top button
Close