Сведокот Мартин Саздов за моментот пред Ивана со Катја да скокне од терасата: Му се јави на Стојанче со вклучена камера!

На денешното судско рочиште, Мартин Саздов сведочеше за заканите на Стојанче кон Ивана. Рече Стојанче и се заканувал на Ивана дека ќе ја земе Катја, а дека ако оди во затвор, ќе излезе и ќе ја убие.

Посочи дека пред да се случи трагедијата, Стојанче, Ивана, Мартин и Катја отишле во станот во Тафталиџе, за Ивана да земе некои работи.

„Ивана ја затвори и ја заклучи вратата. Не се слушаше ништо од станот, јас заѕвонив, прашав „како си Ивана“, рече „еве за 5 минути сме спремни.“ После ја отвори вратата, рече „јас не сакам да си одам, ќе легнеме малку со Катја да спиеме“. Му реков на Стојанче „ајде да се симнеме доле“. Стојанче викаше „ќе видиш што ќе ти направам“, Ивана беше со Катја во раце, гушнати. Ивана само се насмеа и рече „прави што сакаш“. Влезе и заклучи. Јас и Стојанче се симнавме доле. Се посомневав да не направи нешто Ивана, му го реков тоа и на Стојанче. Тој рече „не, таа не се убива, не умира“.

Пред да скокне од тераса заедно со Катја, Ивана му се јавила на Стојанче со вклучена камера, вели Саздов кој како што вели, кога сфатил што ќе направи, почнал да вика да не прави глупости, но кусо потоа слушнал силен тресок.

„Му се јави, Стојанче ја вклучи камерата, ја видов Ивана како стои со Катја во рацете на терасата и сфатив што ќе направи. Викав „Ивана, немој да си направила глупост.“ Потрчав кон влезот и слушнав силен тресок. Истрчав да видам што се случува, ја видов Ивана во крв целата. Почнав да трчам, мислев Катја е горе, па ми текна дека е заклучено, па се вратив назад, а кога стигнав ја видов и Катја до нејзе. Викав ве молам викајте брза помош, не знаев што да направам“, сведочеше Мартин.

На прашање на обвинителката каква била реакцијата на Стојанче во тој момент, Мартин одговори:

„Почна да трча накај главната улица. Јас истрчав накај Ивана и Катја. Не отиде да ги види“, рече сведокот.

Back to top button
Close