Сведоштвата на израелските заложници: Со месеци бевме изгладнети во подземни тунели

Четворицата заложници, Тал Шохам, Омер Шем Тов, Омар Венкерт и Ели-Хе Коен, кои денеска се вратија во Израел, биле подложени на тортура, физичко насилство, психичко малтретирање и гладување во период од 16 месеци, објави вечерва израелската телевизија Кан 11, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Четворицата изгубиле десетици килограми од својата телесна тежина и биле држени во тунели на различни локации во Појасот Газа.

Сите четворица сведочеа дека речиси воопшто не јаделе.

Тал Шохам бил држен со други заложници и не знаел дека неговата сопруга Ади била киднапирана заедно со нивните две деца Јахел и Неве и дека сите биле ослободени од заробеништво. Кога израелските сили му покажаа слики од неговите деца, тој рече: „Колку е прекрасно да се биде слободен“.

Омар Венкерт воопшто не бил изложен на медиумите. Дури откако бил ослободен, дознал дека неговата девојка Ким Демати била убиена на 7 октомври. Венкерт ослабел 30 килограми, а едно од неговите први барања било да испуши цигара: „Јас ја чекав оваа цигара 500 дена“, рече тој.

Омер Шем Тов бил држен во тунел, каде што поголемиот дел од времето го поминувал сам. Тој имал малку медиумска експонираност и бил свесен за протестите. Рече дека тоа му давало надеж дека на крајот ќе биде ослободен.

Ели-Ха Коен исто така беше задржан во самица и не беше изложен на медиумите. Дури денеска дозна дека неговата сопруга Жив Абауд го преживеала масакрот. Тој рече дека бил изложен на дневна светлина само во последните неколку дена, пренесуваат Кан.

 

Back to top button
Close