Светска банка: Народната банка активно ја унапредува регулативната рамка за ефикасен и сигурен банкарски систем
Паолучи ја поддржа и заложбата на Народната банка за преземање активности во доменот на зелените финансии. Во тој контекст, беше посочено дека е исклучително важно што Народната банка во рамките на своите стратегиски цели за наредниот тригодишен период предвиде повеќе активности во овој домен. Во рамките на активностите е предвидено утврдување на изложеноста на банкарскиот систем на ризиците поврзани со климатските промени. Со ова ќе се создадат услови за подготовка на рамка којашто ќе им овозможи на банките да ги вградуваат ризиците од климатските промени во своето деловно планирање и управување со ризиците, како и во рамките на внатрешните контролни механизми. Во овој сегмент, претставникот на Светската банка посочи на продлабочувањето на соработката со Народната банка преку вклучување на земјата во рамките на проект со кој би се дијагностицирале зелените финансии во регионот.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на движењата во економијата, при што беше посочено дека економскиот раст e согласно со очекувањата, додека кај движењата на инфлацијата внимателно се следат факторите коишто придонесуваат за нагорно придвижување на цените. Поставеноста на монетарната политика засега е оценета како соодветна на макроекономските услови, но јасна е потребата од внимателност, како и подготвеност да се реагира доколку се јави потреба. Вниманието на Народната банка е насочено кон одржување соодветен баланс на поставеноста на монетарната политика којшто ќе овозможи соодветни услови за натамошен економски раст, со истовремено одржување на ценовната стабилност и стабилноста на домашната валута.
Светската банка е присутна долги години со проекти коишто даваат значајна поддршка на економскиот раст и развој на државата, а очекувањата се дека и понатаму активно ќе поддржува проекти со коишто се постигнува економска благосостојба.