Тајландски воен брод потона, спасени 75 морнари, по 31 се трага

Бродови и хеликоптери трагаат по десетици морнари откако тајландски воен брод потона синоќа во Тајландскиот залив.

Досега се спасени 75 морнари, а по 31 се уште се трага, соопшти воената морнарица.

Силните ветрови ја поплавиле корветата ХТМС „Сухотаи” и предизвикале прекин на електричната енергија.

Кралската тајландска морнарица испрати три фрегати и два хеликоптера со мобилни пумпи за да се обиде да ја испумпува водата од бродот.

Поради силните ветрови и прекинот на струјата, во бродот навлегла голема количина вода, поради што тој потонал.

Несреќата се случила во момент кога бродот извршувал патролна мисија во морето на 32 километри од брегот.

Back to top button
Close