Таравари по средбата со Ковачевски- Немаме понуда за влез во влада , ако имаме ќе известиме

Околу информациите за кои во јавноста веќе се говори околу министерствата кои би ги добила АА, Таравари рече дека шпекулации постојат и ќе постојат и дека ништо не е вистина од тоа што се говори

Алијанса за Албанците сè уште нема добиено понуда за влез во Владата. Кога тоа ќе го добиеме, ќе ве известиме и ќе бидеме транспарентни, рече в.д. лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски. Сепак, како што рече Таравари, таа можност не е исклучена, но ако се случи тоа партијата нема да ги помине црвените линии кои се неопходни за да продолжат да преговараат.

„Имаме пакет мерки кои сме ги кажале и ако евентуално почнеме преговори најверојатно тој сет мерки ќе бидат нашиот услов за евентуално влегување во Владата“,рече Таравари.

На прашањето за изнесените министерства кои би им биле понудени од Владата, а за кои во јавноста веќе се говори, Таравари рече дека шпекулации постојат и ќе постојат и дека ништо не е вистина од тоа што се говoри

Тој вели дека имаат комуникација со сите политички партии, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ.

„Не ни се допаѓа она што ВМРО-ДПМНЕ го говори. Мислам дека ги намалуваат капацитетите за соработка со албанските партии, не само со Алијанса за Албанците. Имам впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ веќе се натпреварува со Левица која е уште понациналистичка партија, што искрено на нас ни штети“,рече Таравари додавајќи дека ќе продолжи со критиките и кон ДУИ, без разлика дали ќе бидат дел од Владата или надвор од неа.

На средбата со Ковачевски, Таравари рече дека разговарале за европскиот пат на државата кој мора да продолжи. Исто така, разговарале и за борбата за корупција и за функционирањето на правната држава, како и за законите кои се блокирани, а кои се европски закони, а кои АА ги поддржува се со цел за доброто на државата.

Back to top button
Close