Телма: Син на висок функционер на МВР бегал на полициска патрола оти незаконски користел „флешери“ на возилото?

Син на висок функционер на Министерството за внатрешни работи во петокот минатата недела предизвикал инцидент на периферијата на Скопје каде што бил запрен по бегство од полициска патрола поради нелегално користење на т.н. „флешери“, но полицајците го пуштиле со тврдење дека станува збор за службен автомобил на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), објави Телма повикувајќи се полициски извори.

На прашање на телевизијата од МВР одговориле дека ќе го испитаат случајот и доколку се утврди полициско постапување спротивно на законот, полициските службеници кои згрешиле ќе бидат санкционирани.

Според информациите, станува збор за К.Б., син на заменик-министерот на МВР од ДУИ. Тој бил забележан од полициска патрола во Чаир како со темно „ауди“ со флешери (ротациони светла на хаубата на автомобилот) се движи побрзо од дозволеното, по што патролата го стигнала и побарала да застане. Но, возачот со автомобилот марка „ауди“, игнорирајќи ја полициската патрола, продолжил да вози поради што патролата повикала помош. На крај тој бил запрен на Качанички пат

Кога при легитимирањето е откриено дека станува збор за син на функционер, полицајците кои го запреле преку радиоврска јавиле дека станува збор за владино возило од Службата за општи и заеднички работи. Но, од централата на СВР Скопје им одговориле дека регистрацијата што ја пријавила (позната на Телма) не припаѓа на службени владини возила туку на приватно „ауди“.

И покрај сè, полицајците од патролата го пуштиле синот на заменик-министерот да си замине, но доказите не можеле да се избришат бидејќи радиокомуникацијата на полициските службеници е снимена согласно законските прописи.

Инцидентот, според информациите на Телма, се случил во петокот околу 17:40 часот. „Аудито“ било земено на лизинг како возило на обезбедување на фабрика за производство на марихуана за медицински цели бидејќи со тоа се занимавал синот на функционерот на ДУИ. Според информациите, возилото имало и казни за сообраќајни прекршоци, а еднаш дури било спуштено од пајак-возило кога било непрописно паркирано.

И други возила на обебзедувачите на фармата за марихуана биле непрописно опремени со флешери и со сирени. Флешери на автомобили смеат да имаат и да користат само полицијата, итната помош, противпожарната служба, владини автомобили за превоз на функционери и за обезбедување, специјализирани возила за транспорт на пари, како и определени дипломатски возила. За другите „цивилни“ возила е забранета употреба и се изрекува парична казна.

Употребата на сирени (хорни) е уште построго регулирана и не е дозволена за автомобили на обезбедување и на агенции за обезбедување без разлика дали станува збор за син на функционер, полицаец кој не е на работа или граѓанин – возач.

Од МВР најавиле дека ќе излезат со информации доколку биде утврдена грешка и незаконско работење на полицајците во случајот.

 

 

 

 

Back to top button
Close