Тетовскиот анестезиолог тик-токер призна вина- доби 15 месеци затвор


Анестезиологот Ваљтон Дервиши од тетовската болница денеска седна на обвинителка клупа за обвинението што Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово му го поднесе поради тоа што снимаше пациентки и видеото го објави на социјалната мрежа Тик-ток.

Тој денеска призна вина и рече дека се кае за стореното, а тетовскиот суд уште истиот ден ја објави пресудата – една година и три месеци затвор.

Анестезиологот се гонеше за делата несовесно работење во служба и неовластено снимање.

„Обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што очигледно постапил несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права“,рекоа од ОЈО Тетово кога го поднесоа обвинението на 22 април.

Скандалот со снимката што ја емитуваше анестезиологот предизвика лавина реакции. Тој веднаш беше суспендиран од работа, а Судот на честа при Лекарската комора одлучи да му ја одземе лиценцата за работа на седум години.

Тоа беше максимална казна што Лекарската комора можеше да ја изрече за етички прекршок во работењето.

Back to top button
Close