Тимотеј: Почна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА

Целосната интеграција Тимотеј очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кој, како што кажа, треба да почне на 14 или 15 мај

Почна процесот на интеграција на ПОА во МПЦ-ОА, соопшти денеска митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј по завршување на седницата на Светиот архиерејски синод. Тој рече дека се донесени неколку одлуки кои се поврзани со поделбата на епархиите, меѓутоа сè уште не може да ги сподели со јавноста затоа што е потребно да се усогласат со Српската православна црква.

„Денеска заседаваше Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА во целосен состав, со мал исклучок на неколку архиереји кои се во странство и еден архиереј кој не можеше да дојде, но имаше свое полномошно за да се гласа доколку има потреба, но бидејќи одлуките се носеа главно едногласно, без никакви издвојувања денеска почна процесот за интеграција на ПОА во МПЦ-ОА“изјави владиката Тимотеј.

Целосната интеграција Тимотеј очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кој, како што кажа, треба да почне на 14 или 15 мај.

Одговарајќи на новинарско прашање, владиката Тимотеј истакна дека на седницата не се говорело за административното име на МПЦ.

„Нема што да се зборува, името е Македонска православна црква-Охридска архиепископија, тоа останува. Независно кој како сака да не нарекува, ние ќе се викаме како што се викаме“рече Тимотеј додавајќи дека околу тоа нема поделени мислења во Синодот.

Порталот Религија.мк вчера објави дека постои начелен договор со СПЦ околу тоа како да бидат интегрирани владиците на ПОА и кои епархии ќе им бидат дадени. Се очекува тоа да биде направено со прераспределба на постојните епархии на МПЦ-ОА. Заокружувањето на процесот на интеграција би значел и формално згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква.

По повеќе од половина век минатата година СПЦ и додели статус на целосна независност на МПЦ-ОА по заедничка литургија во Белград. Ова следуваше откако на 9 мај на заседание на Светиот синод на Вселенската патријаршија, предводен од вселенски патријарх Вартоломеј, се донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ.

На минатогодишниот собор на СПЦ беше одобрено канонското единство со МПЦ-ОА, со што беше решен спорот, кој датира од 1967 година кога МПЦ се одвои од СПЦ.

На 19 мај минатата година во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград беше одржана заедничка архијерејска литургија на помирување, со која чиноначалствуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Со неа беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу двете цркви и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.

На 24 мај српскиот патријарх Порфириј сослужувањето на заедничка литургија со aрхиепископот Стефан во Соборниот храм во Скопје. Тогаш Порфириј одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА.

Патријархот Порфириј објави: Соборот на СПЦ прифаќа и признава автокефалност на МПЦ-ОА

На 5 јуни минатата година СПЦ го официјализираше прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Српскиот патријарх Порфириј му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Скопје, со која Српската црква ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Back to top button
Close