Тољати

Трифун Костовски
Почитувани читатели, денешната колумна ќе ја посветам на градот Тољати во Русија, центар на автомобилската индустрија. Познатите Лада автомобили и џипови се произведуваат токму во ова место.
Старото име на овој град, основан во 1737 година, е Ставропољ на Волга. Денешното име Тољати го добива по името на познатиот италијански комунист Палмиро Тољати, во 1964 година.
Ракометот беше единствената причина да го запознаеме овој релативно нов, но силно индустриски развиен град на најисточниот дел од Европскиот континент.
Мечот кој го одигравме 2003 година ќе ни остане во трајно сеќавање, не само по играта, туку по нештата кои оставија траен белег во нашите сеќавања.
Кометал-Ѓорче Петров во Тољати допатува во рамките на групни натпревари, како шампион на Европа во чиј состав настапуваа голем број Русинки.
И овој пат патувавме со приватен авион од цирка 150 луѓе, но не бевме баш гостопримливо пречекани од страна на домаќините, како што беше вообичаено со тимот од Волгоград.
Очигледно беше ривалството на домаќините, по секоја цена да се победи европскиот шампион. Но, најголем негативен впечаток ми остави однесувањето на тогашниот тренер на Тољати, кон моите Русинки кои ги бранеа боите на ,,Ѓорче Петров”.
За време на самиот меч тој им даваше поводи на публиката за упатување навредливи зборови кон моите ракометарки Олга Бујанова и Наташа Малахова. Со моја дозвола после мечот, Олга Бујанова и Наташа Малахова гостуваа на нивната локална телевизија, каде што беа нападнати директно од тренерот на Тољати, зошто ги бранат боите на ,,Ѓорче Петров”, а не ги бранат боите на руските тимови.
После ваков телевизиски настап настана депресија меѓу сите девојки од тимот и меѓу нас раководството.
Утврдената, со протокол на ЕХФ заедничка вечера со домаќините, после мечот ја завршивме на најбрз можен начин со цел да го демонстрираме нашето разочарување од односот на домаќините.
Мечот го изгубивме со два гола разлика. Студенилото на зимата и снегот уште повеќе влијаеше врз нашето чувство на разочараност. Спортот, наместо силен атрибут во создавање меѓусебни добри пријателски односи, се стави во кауза на бранење националните интереси.
После овој настан сето она што беше убаво во овој град ни се одмили. Прв пат во нашата спортска историја, тргнавме назад кон Скопје многу порано од предвиденото време.
Ништо не ми остана во сеќавање од овој натпревар, иако имавме прекрасно дружење меѓу нас. Музиката, песните, храната не можеа да ни го надоместат разочарувањето. Чувството дека ми ги навредија моите две ракометарки за мене беше поразителен факт дека ете и во Русија и во спортот може да се случи национализам.
Сакам да направам една компарација меѓу Волгоград и Тољати. Волгоград ја искажа сета љубов кон нас, на што им возвративме со љубов. Посетата на Тољати покажа едно грдо лице, кое што за жал не е пријател ниту на спортот , ниту на културата, а уште помалку на мир во светот.
Ако денес прашате некој од присутните на мечовите во Волгоград и Тољати, убеден сум дека ќе го добието одговорот дека патувањето во Волгоград беше совршено, а патувањето во Тољати беше разочарување.
Извлеков поуки од ова патување во Тољати, дека национализмот како појава не е искоренет и дека е присутен меѓу нас. Спортот, во случајов женскиот ракомет, само е мал сегмент во градење на заедничко општество на севкупната светска заедница. Оној кој нема спортска култура, нема ни спортски дух.
Дали ќе се успее во надминувањето на вакви националистички конфликти, зависи од секој нас како единка.






