Тошковски ги навреди родителите и роднините на загинатите и повредените од Кочани

Навредата што министерот Тошковски ја упати на адреса на родителите и роднините на загинатите и повредените во пожарот во Кочани, дека нивните протести се политички инструирани, е сериозна и, мал е зборот да се каже невкусна, ја преминува црвената линија.

Со изјавата дека родителите и роднините на загинатите и на повредените од пожарот во Кочани се „организирани“ од страна на опозицијата, министерот за надворешни работи Панче Тошковски тешко и крајно невкусно ги навреди граѓаните од овој град. Тие дојдоа во Скопје за да ја изразат болката и револтот за изгубените чеда и на ниту еден начин не заслужија висок политички функционер кој е одговорена во еден дел да ја спроведува и доведе правдата за трагедијата.

Оваа изјава на Тошковски е е одраз на неговото лицемерие ако се земе предвид дека тој лично ги покани кога беа во Скопје да дојдат во МВР и да разговараат.

Тогаш им се извини зашто порано на организирал таква средба, а само два или три дена подоцна, излегува со изјава дека родителите и роднините се политички инструирани.

Нивната болка и желба за правда Тошковски крајно недолично и незрело ги стави во политичка рамка.

Дури, земислете, отиде дотаму, што начинот на кој тие луѓе му ги поставија прашањата на средбата го оцени како однапред подготвено сценарио. „Имале списоци со прашања кои биле поставени на специфичен начин, што го доведува во прашање целосниот карактер на протестот.

Тој го нарече начинот на кој му беа поставени прашањата – „политички лешинарски“.

Кого нарекува Тошковски „лешинари“, а при тоа не изнесува ниту еден доказ за да го потврди тоа?

Очигледно е дека Тошковски нема капацитети да го прифати притисокот на будното око на јавноста и големите и остри критики за неговото и постапување на МВР за истрагата за трагедијата во делот што го покрива полицијата. Тие критики не се само од опозицијата, туку и од голем број на претставници на стручната јавност.

Сѐ погласни се мислењата дека се потврдува тезата дека истрагата е контаминирана со дневна политика и селективност.

Единствената одбрана на Тошковски е нападот врз критичарите без аргументи и омиленото „оправдување“ дека критиките се резултат на „обидите за политичко профитирање“ и за „лајкови на Фејсбук“.

Апсолутно неприфатливо и политички незрело. Аматерски. Секому му е јасно дека тоа се обиди да се покријат големиот број пропусти за време на истрагата, но и да се одврати вниманието од пропустите што се направени и во делот надлежностите на полицијата во последните дванаесеттина месеци.

Може да се прифати дека со широкиот опфат на лица кои во одредени периоди, кои временски се растегнаа до 2012 година наназад, можеби имале пропусти, ама тешко дека се виновни директно за последицата.

Ваквите „гимнастики на кривично-правен план“, велат експертите, се многу спорни зашто се креира мега – процес,  кој тешко ќе може да се разреши и да се утврди објективна одговорност во однос на тоа што го бара законот со утврдување на директна одговорност.

Овој длабок и широк опфат на истрагата за многумина е само обид да се спаси од одговорност актуелната владеашка номенклатура и да прикаже наводна ефикасност во остварување на ветувањето за борба против корупцијата и крдиминалот.

Но, во тој обид навредата што министерот Тошковски ја упати на адреса на родителите и роднините на загинатите и повредените во пожарот во Кочани, дека нивните протести се политички инструирани, е сериозна и, мал е зборот да се каже невкусна, навреда и ја премина црвената линија.

Можеби сега повторно ќе им се извини за оваа недолична изјава.

Зоран Бојаровски

Извор: Рацин (racin.mk)

Back to top button
Close