Тошковски и Дачиќ потпишаа договор за „One Stop“ систем и брза заедничка гранична контрола, имплементација пред летната сезона
Министрите за внатрешни работи Панче Тошковски и Ивица Дачиќ денеска во Белград потпишаа договор меѓу Владите на Македонија и Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево кој треба да овозможи имплементација на вистински „One Stop“ систем со цел побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
– На мое огромно задоволство го потпишавме договорот врз основа на кој нашите две држави ќе имаат заедничка контрола на граничниот премин Табановце-Прешево со што ќе овозможиме побрз трансфер и проток, како на стоки и услуги, така и на луѓе на нашата граница. Со имплементација на системот очекуваме двојно да се забрза трансферот на луѓе, а по потпишување и ратификација на договорот ќе можеме да започнеме со тест фазата од аспект на техничко решение и се надеваме дека пред почетокот на летната сезона ќе можеме и официјално да го ставиме во функција и да го забрзаме протокот на луѓе, потенцира министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека продолжува и понатаму одличната соработка со српската полиција во борба против сите видови криминал и во текот на оваа летна сезона ќе продолжи проектот за размена на полициски службеници на Србија во Охрид и македонски полициски службеници на настани коишто ќе се одржуваат во Србија.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ потенцираше дека целта на овој договор е можност уште повеќе да им се помогне на граѓаните полесно да ги преминуваат граничните премини и со тоа да се олесни протокот на луѓе и материјални добра.
– Денес го потпишавме договорот меѓу двете влади за воспоставување на заеднички контроли за меѓународен патен сообраќај Прешево-Табановце каде воспоставуваме нов процес на работа кој има за цел поедноставување на комплетната процедура на граничните проверки, така што полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја ќе ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја. Така го воспоставуваме „One Stop“ системот со едно место на контрола, нагласи министерот Дачиќ.
Дачиќ посочи дека тој начин на работа ќе го поедностави и забрза сообраќајот, и ќе избегнат непотребни застои за патниците.
– Секоја земја го задржува правото дополнително да провери некои патници, доколку има потреба да се преземат посебни мерки и дејствија кон тие лица, што секако има врска со нашата полициска работа, додаде министерот Дачиќ.
Тој нагласи дека постои многу добра соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи и дека таа ќе продолжи и низ други сегменти, како што е заедничката работа за време на туристичката сезона.
– Со години во пракса постои Протокол за соработка за време на туристичката сезона. Минатата година, да ве потсетам, четворица наши полицајци беа во Северна Македонија, во Охрид, за да извршуваат заеднички патроли. Важно е дека ќе продолжиме да го правиме тоа, без оглед на тоа дали нашите полицајци треба да бидат на заеднички патроли во Северна Македонија, дали станува збор за полицајци од Северна Македонија кои би доаѓале тука по повод одредени настани, манифестации или каде што има значително присуство на граѓани од таа земја, како што е, на пример, фестивалот Exit“, рече министерот Дачиќ.
Потсети и на други активности што се однесуваат на полицијата, двете министерства, како што се заедничкото учество во регионалните организации – SELEC и MARRI, како и добрата соработка во борбата против нерегуларната миграција.
– Во првите четири месеци од оваа година, според официјалните податоци, е забележано намалување од 40 проценти на таканаречените нелегални преминувања во споредба со истиот период минатата година, па мислам дека намалувањето е забележано во двата правци, влез и излез од Србија, и ќе ја продолжиме оваа соработка кога станува збор за нелегалната миграција, нагласи Дачиќ.
Тој ја изрази подготвеноста на Министерството за внатрешни работи на Република Србија да помогне во вонредни ситуации како што се пожарите и во иднина, потсетувајќи дека неколку пати хеликоптери и персонал биле испратени во Северна Македонија за гаснење пожари.
„One Stop“ системот неодамна беше имплементиран со Косово на граничниот премин Блаце-Елез Хан, а ќе следува имплементација и со Република Албанија, така што Македонија ќе го има имплементирано овој систем со сите земји-соседи кои не се дел од Европската Унија.