Тошковски: „Маркова нога“ е стратешки проект за Преспа, но и за целиот Балкан
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека изградбата на граничниот премин „Маркова нога“ – „Лемос“ претставува стратешки проект од значење не само за регионот на Преспа, туку и за целиот Балкан.

При денешниот увид во градежните активности на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова нога“ – „Лемос“, Тошковски истакна дека сите вклучени страни се согласни оти Преспа претставува една од најубавите природни микролокации во Европа.
„Граничниот премин ‘Маркова нога‘ е стратешки проект за овој регион, но ќе додадам, стратешки проект и за Балканот затоа што сите заедно констатиравме дека Преспа е една од најубавите микролокации на Балканот и во Европа. Преспа заслужува сите да вложиме максимум во рамките на капацитетите што ги имаме затоа што ова е стратешки проект кој ќе даде додадена вредност од повеќе аспекти за Преспа, за нашите две пријателски држави“,
рече тој.
Според него, проектот има големо значење за соработката меѓу двете држави и за развојот на регионот.
Градежните активности на македонска страна треба да завршат во септември оваа година, додека целосната реализација на проектот е предвидена за 2028 година.

Евроамбасадорот Михалис Рокас оцени дека проектот придонесува за заштита на природните богатства на Преспа, но и за унапредување на економската и прекуграничната соработка.
„Активностите од другата страна треба да завршат во февруари 2028 година“,
рече Рокас.
Постојаниот претставник на УНДП во земјата УНДП, Армен Григорјан, изјави дека изградбата напредува според планот и дека проектот е реализиран околу 60 отсто.
Граничниот премин „Маркова нога“ – „Лемос“ ќе има сообраќајница долга околу 350 метри со четири коловозни ленти, придружни објекти и современи стандарди за меѓународен граничен премин.






