Трамп: Ако не успеат преговорите за нуклеарната програма, Иран ќе биде бомбардиран

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Ен-би-си (НБЦ) повторно му се закани на Иран со воена интервенција, ако Техеран не го потпише договорот за нуклеарната програма.

– Ако тие (Иранците) не го потпишат договорот, ќе има бомбардирање, наведе Трамп.

Тој наведе дека американски и ирански претставници разговараат, но не прецизираше за што.

Трамп на 7 март испрати писмо до иранските власти предлагајќи преговори со цел да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје, заканувајќи се со воена интервенција. Иранските власти одговорија дека се против директни преговори под „максимален притисок и закани“, но оти се отворени за индиректни контакти.

Иран и САД немаат дипломатски односи од 1980 година, а американските интереси во Иран ги претставува Амбасадата на Шведска.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изминатите четири години напредуваше иранската нуклеарна програма и е поблиску од кога било до производство на нуклеарно оружје, со сегашните резерви од 60 отсто збогатен ураниум, доволни за шест нуклеарни бомби доколку се збогати до 90 отсто.

Иран во 2015 година склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма, а за возврат да се намалат меѓународните санкции против Техеран. Но, во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат, Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто.

Иран тврди дека нуклеарна енергија е за цивилни цели и негира дека сака да се стекне со атомска бомба, во што се сомневаат западните земји

Back to top button
Close