Трамп: НАТО е причината, го разбирам Путин

Позната е метафората за надворешната политика на Америка во која таа се споредува со огромен танкер на кого му треба време да застане и да смени правец. За правецот, како што покажуваат последните одлуки на претседателот Бајден, многу зависи од капетанот на бродот. Иако новоизбраниот претседател најави мировни преговори со рускиот претседател Путин, Бјаден продолжува да испорачува нови контингенти оружје заедно со дозволата да се бијат цели длабоко во територијата на Русија. Така и со серија извршни наредби за кои се знае дека Трамп ќе ги укине, некои, уште првиот ден кога ќе ја преземе власта, на 20 јануари.

Но, не зависи сè од волјата на американскиот претседател. Големата стратегија, како онаа кон која се придржувале претходните претседатели, биле демократи или републиканци, тешко се менува.

Она што го интересира светското јавно мислење денес е дали стратегијата на интервенции на Америка во прилог на свет на демократии, но и за американска доминација, што ја вовлекуваше големата сила во „вечни војни“, ќе биде напуштена од Трамп во прилог на една „трансакциска“ надворешна политика. Ретките критичари, американски интелектуалци, се сомневаат во успехот на намерата на новозибраниот американски претседател да ја смени големата стратегија: Америка да доминира со целиот свет, со сила ако треба. Во прилог на своите тези тие се повикуваат на моќта на „длабоката држава“, мислејќи на безбедносните служби, ЦИА пред се и на воено-индустрискиот комплекс кои го имаат одлучувачкиот збор за вакви теми.

Но, новоизбраниот американски претседател веќе го направи незамисливото. Има едно табу кое го прекрши Доналд Трамп, табу кое владееше со американската политика, но и со полтиката на нејзините сојузници, една од кои е и Република Северна Македонија како членка на НАТО: да се изрази разбирање и за другата страна. Никој досега на Западот, од почетокот на руската агресија врз Украина се нема одважено да каже ваква ерес. Следејќи ја слепо американската политика, евопските сојузници го загубија своето „јас“ . Новиот комесар на ЕУ за надворешна политика , Каја Калас, дури изјави дека и ако Америка се повлече, ние (ЕУ) ќе продолжиме да ја помaгамe со оружје Украина.

До последниот Украинец, би додале критичарите на војната. Како и нејзиниот претходник Борел и таа влезе во натпревар да биде „поголем папа од папата“. После февруари 22, 2022, кога руските трупи извршија инвазија на суверена држава сите се обединивме во громогласна осуда на чин за кој никој не наоѓаше оправдување. Но, се случи нешто што не смееше да се случи: запре секаква дебата за причините за оваа војна, гледано и со очите на Москва.

Престана да се зборува за големите сили во борба за безбедност и желбата другиот да се ослаби ако не и уништи, ниту за прекршените договори кон Русија и пропуштените дипломатски решенија кои би довеле до мир.Стана непопуларно да се мисли на дипломатијата како алатка за запирање на војната која продолжи да ескалира до сегашние деведесет секунди до армагедонот. Дури и откривањето на фактите дека Велика Британија и САД го минирале договорот за мир меѓу Украина и Русија во Истамбул, веднаш на почетокот на војната, не ја намали посветеноста на Западот кон војната. Пропагандата а не просветената дебата завладеа со Америка и Европа и никој не смееше да писне поинаку. Дури и страниците на „Њујорк Тајмс“се затворија за поинакви мислења.

И одеднаш Трамп анте портас. Табуто кое го сруши новоизбраниот претседател на Америка е кажано во две негови изјави за војната во Украина: дека сè е заради НАТО и дека тој ја разбира позицијата на Путин. И сега, што правиме? Ќе произведе ли Трамп мир или ќе биде поразен од „длабоката држава“? Допрва ќе видиме. Самиот Путин е скептик и не им верува на Американците. Ја раскажува случката кога им предложил Русија да стане членка на НАТО. На претседателот Клинтон му се сторила интересна идејата ама побарал да зборува со своите советници. Наредниот ден му рекол на рускиот претседател дека идејата не е прифатлива. Следува коментарот на Путин. Претседатели кои стапуваат на функција имаат идеји, вели тој. Но, доаѓаат луѓе во темни одела и сини вратоврски и им кажуваат каква е реалноста.

Путин би требало најдобро да знае: во СССР тој бил еден од оние во темни одела и сини вратоврски.

Денко Малески

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close