Трамп: Навистина ни треба Гренланд, не исклучувам воена акција
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не ја исклучува можноста за воена акција за преземање на Гренланд, остров богат со природни ресурси што ѝ припаѓа на Данска, но има широка автономија.
„Не исклучувам ништо“, рече Трамп во интервју за NBC, а потоа додаде: „Не велам дека ќе го направам тоа, но не исклучувам ништо“.
„Навистина ни е потребен Гренланд. Таму живеат малку луѓе, ќе се грижиме за нив, ќе ги цениме, сè тоа. Но, островот ни е потребен за меѓународна безбедност“, додаде американскиот претседател.
Трамп претходно во неколку наврати ја изрази својата желба САД да го преземат Гренланд, или со сила или со економски притисок, и покрај тоа што и Данска и локалните власти на Гренланд цврсто ги отфрлаат овие идеи.
Кога беше прашан за можен обид за анексија на Канада – идеја за која Трамп исто така јавно зборуваше, тврдејќи дека Канада би можела да стане 51-ва американска држава – Трамп рече дека тоа не му изгледа веројатно.
„Не го гледам тоа со Канада. Морам да бидам искрен, едноставно не го гледам“, одговори тој.
Канадскиот премиер Марк Карни, кој победи на изборите благодарение на силното анти-Трамп расположение во земјата, наскоро ќе отпатува за Вашингтон, каде што ќе се сретне со Трамп во вторник.