Трамп одбива да носи панцир: Не сакам да изгледам 20 килограми подебел
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека одбил предлог да носи заштитен елек (панцир), и покрај повеќекратните обиди за атентат врз него, иако потврди дека му било препорачано такво нешто.

– Не знам дали би можел да поднесам да изгледам 20 килограми потежок – рече Трамп, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека е „одлично“ што агентот на Тајната служба, кој беше застрелан минатиот викенд за време на обидот за атентат врз него на свечената вечера на Здружението на дописници од Белата куќа во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон, носел панцир.
– Елекот заврши неверојатна работа – беше погоден одблиску, а тој дури не сакаше ниту да оди во болница – изјави Трамп, посочувајќи дека носењето панцир е „нешто за што треба да размисли“.
На прашањето дали е загрижен за нов можен обид за атентат, Трамп одговори дека не размислува за тоа. – Ако размислувам, не би можел добро да ја работам оваа работа – би мислел само на тоа – рече тој.
Трамп претходно се соочи со уште два обиди за атентат за време на предизборната кампања пред изборите во 2024 година, а при нападот во јули истата година беше повреден во пределот на увото.






