Трамп повторно му врати на германскиот канцелар Мерц поради критиките за војната во Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно го нападна германскиот канцелар Фридрих Мерц поради неговите критики за војната во Иран, пренесе ДПА.
Коментарот на Мерц претходно неделава, во кој сугерираше дека иранската влада ги „понижила“ САД во преговорите, предизвика гневен одговор од Трамп, кој се закани со повлекување на американските трупи стационирани во Германија и упати серија напади кон канцеларот на својата платформа „Truth Social“.
Во својата најнова објава денеска, Трамп порача дека Мерц треба да „поминува повеќе време на ставање крај на војната меѓу Русија и Украина (каде што беше тотално неефикасен) и на поправање на својата скршена земја, особено во однос на имиграцијата и енергијата, а помалку време на мешање кај оние кои се ослободуваат од иранската нуклеарна закана, со што го прават светот, вклучувајќи ја и Германија, побезбедно место“.
Берлин се обиде да ја смири ситуацијата, при што Мерц вчера изјави дека односите меѓу двајцата лидери остануваат „добри како и секогаш“.
Неговиот конзервативен сојузник Маркус Зедер, премиерот на Баварија, изјави дека посакува двете страни да „останат смирени“ во услови на бурни реакции.
Зедер истакна дека Германија е „клучна стратешка база за американските сили во целиот свет“, бидејќи во неа се наоѓа најголемата база за обука на Вашингтон во Европа.
– Американските сили се чувствуваат многу пријатно во Германија – изјави баварскиот лидер за весникот „Билд“.
Трамп и претходно се закануваше дека ќе го намали бројот на американски војници стационирани во Германија за време на неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година.
Според американски воени податоци од средината на април, во моментов во Европа се стационирани околу 86.000 американски војници, од кои околу 39.000 се во Германија.






