Трамп за Канада: „Една од најлошите земји во светот“

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики кон Канада, нарекувајќи ја „една од најлошите земји во светот“ и обвинувајќи ја дека неправедно се однесувала кон САД.

„Проблемот е што беа многу неправедни кон Соединетите Американски Држави. Беа една од најлошите земји во светот. Со Канада навистина беше многу тешко да се соработува. На нашите земјоделци им воведоа царини од 400 отсто и повеќе. Нè искористуваат“, рекол Трамп во Овалната соба.

Изјавата доаѓа во период на зголемени трговски тензии меѓу Вашингтон и Отава. Од денеска стапи во сила забраната на Трамп за увоз на канадска стока во вредност од речиси една милијарда долари. Мерката опфаќа млечни производи, моторни возила и повеќе видови алкохолни пијалаци.

Трамп при потпишувањето на извршните наредби, како причина ја навел, како што тврди, „дискриминацијата“ кон американските производи.

Односите меѓу двете соседни земји се влошија во текот на вториот мандат на Трамп, а покрај трговските спорови, дополнителна напнатост предизвикаа и неговите изјави за можно припојување на Канада кон САД.

По неуспехот на трговските преговори во август, двете земји воведоа меѓусебни царини.

Канадскиот премиер Марк Карни претходно изјави дека неговата земја предолго се потпирала на економските врски со САД. Според него, периодот на длабока економска интеграција траел околу 40 години, но „тоа време поминало“.

Back to top button
Close