Тренчевска: Нема реформи и нема Европа со криминална власт


Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, на гостувањето во „Топ тема“ на Телма ја обвини власта дека наместо со реформи и решенија на проблемите во економијата, се занимава со лажен пиар, клевети на опозицијата и манипулации, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

-Освен со лаги и манипулации, со друго ништо ВМРО не се занимава како политичка партија. Не испорачуваат никакви реформи во државата, она што го очекуваат граѓаните, ништо- потенцираше Тренчевска.

Тренчевска посочи дека државата повторно се движи кон целосна партизација, потенцирајќи дека со ВМРО на власт има заробена држава.
„Имаме правосудство коешто е под целосна контрола на власта. Контрола над правосудните органи, над обвинителството и над судовите. Имаме полиција којашто, наместо да е во служба на граѓаните, е во служба на ВМРО. И тоа народот веќе го препознава, затоа и рејтингот на ВМРО на сите анкети покажува дека губите 150.000, па и 200.000 гласови, а Социјалдемократскиот сојуз ја зголемува довербата кај граѓаните“, рече Тренчевска.

Владата нема ништо направено за реформската агенда за ЕУ додаде Тренчевска.

-Ништо нема испорачано владата. Роковите беа до јуни 2025-та, па се пролонгираа до декември 2025-та, и сега последното пролонгирање на роковите е јуни 2026 година- посочи Тренчевска.

Тренчевска порача дека СДСМ останува на страната на европската иднина и стратешките интереси на државата.

-За ВМРО ние сме предавници, а тие големи патриоти. Зошто? Затоа што ние ја внесовме земјата во НАТО, затоа што завршивме голем дел од обврските во делот на евроинтеграциите и затоа што сакаме младите да ни останат тука, затоа што сакаме да живееме како дел од европското семејство. Затоа што сакаме во ЕУ, а со оваа власт не одиме во ЕУ, нема Европа- рече потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска.

Back to top button
Close