Три македонски општини го поминаа процесот на дигитална трансформација

– Македонска Каменица, Чешиново-Облешево и Василево се првите општини во земјава кои во соработка со Македонски Телеком веќе применуваат паметно улично осветлување, решение кое ја намалува штетната емисија на јаглерод диоксид во воздухот, ги намалува сметките за електрична енергија до 85 отсто и ја зголемува осветленоста на улиците и јавните места за 60 отсто.

-Придобивките од имплементација на ИКТ услугите не можат да се игнорираат. Токму затоа решивме да ја започнеме трансформацијата кон „паметен град“, која ќе ни помогне да ја претвориме Македонска Каменица во зелена и одржлива општина. Со новите решенија како паметно осветлување ќе им го олесниме животот на локалните жители, а тоа се надеваме дека ќе придонесе младите да останат тука и да го планираат својот живот во Каменица, изјави Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица.

Од паметното осветлување, додаде, корист ќе има и општината, бидејќи ова решение значајно ќе ги намали трошоците и ќе ни помогне поефикасно да ги искористиме средствата, пренасочувајќи ги кон секторите каде се повеќе потребни. Оваа технологија е уникатна и применета меѓу првите, не само во земјава, туку и во регионот.

„Паметен град“ е решение кое може да ги совлада предизвиците на модерното живеење, да го подобри квалитетот на живот и да понуди одржлив развој што веќе го применуваат западно европските земји и САД, а „паметното осветлување“ е само дел од платформата на која може да се додаваат бесконечно апликации и нови елементи.

Back to top button
Close