Триесет и пет држави против руско учество на ОИ 2024

Група од 35 држави, вклучувајќи ги САД, Германија и Австралија, бараат да им биде забранет настап на руски и белоруски спортисти на Олимписките игри 2024 во Париз, изјави синоќа литванската министерка за спорт Јургита Сиугздиниене.

Овој чекор го засилува притисок врз Меѓународниот олимписки комитет (МОК), кој очајнички настојува да избегне најголемиот спортски настан во светот да биде растргнат од војната во Украина.

„Се движиме кон насока да не биде потребен бојкот, бидејќи сите земји се едногласни“, посочи литванската министерка за спорт.

Изјавата доаѓа откако портпаролот на литванското Министерство за спорт претходно соопшти дека украинскиот претседател Володимир Зеленски учествувал на онлајн состанок заедно со 35 министри на кој се расправало за забрана за настап на руски и белоруски спортисти на Игрите идната година во Париз.

Портпаролот прецизираше дека пораката од Зеленски до учесниците на состанокот била дека начелата на неутралност не можат да се применуваат на руската инвазија врз Украина.

Back to top button
Close