Триумф на македонската музика во Италија – хорот и солисти на ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ освоија 13 награди

Вчера попладне во италијанскиот град Језоло учениците од ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје освоија 13 награди на „Светскиот куп на фолклор – Језоло 2026“. Учениците под диригентската палка на маестро Вера Ангеловска освоија прво место за хорот, четири први места за солисти, четири втори места и четири трети места. Оваа импресивна жетва на награди се случува втора година по ред, во која македонската песна повторно најсилно одекнува на сцената во Италија.

Со внимателно избрани композиции од македонскиот мелос, хорот успеа да ја пренесе емоцијата, автентичноста и богатството на нашето музичко наследство. Настапите беа проследени со силни овации и признанија од стручното жири, кое ја вреднуваше не само техничката изведба, туку и искреноста и енергијата што овие млади уметници ја пренесоа на сцената.

Зад овој успех стои долгогодишната посветеност на маестро Вера Ангеловска, која со огромна љубов и визија го гради овој хор. И покрај годините, нејзината енергија, страст и верба во младите не згаснува. „Ова не е само успех, ова е доказ дека кога се вложува љубов, резултатите се неминовни“, коментираат од тимот.

Фолклорниот фестивал, на кој има натпревар во фолклорни танци и вокални изведби, е дел од Системот на фолклорни шампионати на Европската асоцијација на фолклорни фестивали, со ранг на Меѓународен шампионат. Тој претставува современа платформа за промоција и зачувување на културното наследство, која обединува засилен натпреварувачки дух и висок степен на уметнички квалитет на изведбите.

Настапите на македонските ученици во Језоло, како и дел од победничките изведби, можете да ги погледнете на ова видео:

 

Back to top button
Close