Трла баба лан, да јој проѓе дан

И со најдобра намера, повторно не го сфаќам предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за партиска средба „на највисоко (здравствено) ниво“ помеѓу министерот Филипче и шефот на здравствената комисија на опозицијата, епидемиологот д-р Вело Марковски – имало таква средба, немало?! – од што би сакале да произлезе Специјална државна комисија за борба против пандемијата, составена од 9 експерти…
Од една страна, д-р Марковски од почетокот на епидемијата упорно тврди (речиси на раб на прогласување светска конспирација) дека вирусот не е толку опасен колку што се претставува во домашната и светската јавност; наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ има најригидни, иако сосема „магловити“, партиски препораки за справување со здравствените предизвици – кој ги формулира таквите препораки во партијата, ако шефот на нивната здравствена комисија има потполно различни ставови од првенците на таа партија?!
И што би се добило со формирање Специјална државна комисија од 9 членови (што баш 9, а не 7 или 12?!), а што го немаме со постоечката Комисија за заразни болести во која членуваат и дневно се состануваат дваесетина официјални претставници на најважните здравствени институции во земјава и други релевантни експерти за оваа проблематика? Бидејќи ВМРО тврди дека резултатите на Владата во борбата против ковид-19 се „катастрофални“, какво здравствено чудо ќе извлече „од ракавот“ новата Специјална комисија што до сега не е пробано?
Дали е, всушност, проблемот да се додаде д-р Марковски во постоечката Комисија? Па, нека се покани човекот, за наместо по интервјуа и јавни настапи, пред колегите нека ги објаснува своите стручни идеи за мерките што треба да се преземат (или да се укинат) во справувањето со епидемијата. Тоа е секако подобро, отколку Мицкоски и Милошоски да даваат рецепти како „мали Ѓокици“ за тоа што треба да се прави во здравството.
Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.






