Тројца македонски државјани загинаа во сообраќајка на автопат во Словенија

Три лица од Македонија го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи попладнево на приморскиот автопат во Словенија.
Според претставник на Полициската управа во Копер, во 16:28 часот полицијата била известена за сообраќајката на автопатот помеѓу Унец и Равбаркоманда, во која учествувале камион и патничко возило во кое се возеле загинатите македонски државјани.
Според првичните информации, камион стоел расипан на помошната лента и возачот на патничкото возило удрил во задниот лев дел од приколката. Во патничкото возило имало пет лица, сите државјани на Македонија.
Доктор на местото на настанот ја потврдил смртта на три лица, едно повредено лице е однесено во болница со хеликоптер, а повредениот возач на патничкото возило исто така е префрлен во болница со амбулантно возило.
На местото на настанот веднаш се испратени и повеќе полициски патроли и пожарникари.
Увидот на местото е во тек, на местото се излезени државен обвинител и истражен судија. Затворен е автопатот кон Копер.






