Тухел: Белингем ќе има голема конкуренција за место во почетниот состав

Англискиот селектор Томас Тухел истакна денеска дека Џуд Белингем ќе се соочи со голема конкуренција за место во почетниот состав на Светското првенство.
„Да, тој ќе се соочи со голема конкуренција. Улогите секогаш можат да се менуваат, но во моментов имаме 14 или 15 потенцијални стартери и тој е меѓу нив“, одговори Тухел на новинарско прашање.
Англискиот селектор истакна дека е задоволен од формата на играчот од средниот ред на Реал Мадрид по повредата во февруари која го остави надвор од теренот пет недели.
„Добро тренира. Мислам дека паузата поради повредата беше добра за него, бидејќи сега е гладен да се врати на теренот“, додаде Тухел.
Англиската репрезентација, која во Флорида се подготвува за претстојното Светското првенство, во саботата го совлада Нов Зеланд со 1-0, а в среда ќе го одиграат последниот подготвителен натпревар, против Костарика.






