Тунџев: Услугите на Катастар поскапеа во просек за 25 до 30 проценти и цените се реални

Цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) во просек се зголемени за 25 до 30 проценти со стапувањето во сила на новите тарифници. Причина за поскапувањето е сублимирањето на услугите од петте тарифници во два, како и зголемените трошоци за електрична енергија и за одржување на катстарските ИКТ системи, информираше денеска на прес-конференција директорот на АКН, Борис Тунџев.

Тој ги отфрли како неточни тврдењата на претседателот на Комората на геодетски друштва, Никола Рибаровски за „енормен раст на цените на катастарските услуги“ и посочи дека има зголемување за одредени производи, за одредени намалувања, а дел се останати на исто ниво.

„Со новиот тарифен модел, поединечните цени на податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем и надоместот за впишување во Катастарот на недвижности, не се енормно зголемени. Напротив, тоа се цени кои се на ниво на реално направените трошоци за нормално функционирање и одржување на електронските системи, кои се од исклучителна важност“,рече Тунџев.

Тој најави дека доколку дојде до стабилизирање на енергетската криза, односно намалување на цената на електричната енергија и другите фактори кои имаат влијание на трошоците, Агенцијата ќе направи анализа и ќе излезе со свое видување во однос на потребата од корекција на цените на услугите.

На брифингот за новинари сакаше да присуствува и претседателот на Комората Рибароски, што не му беше дозволено со образложение дека настанот е за информирање на медиумите, а тој може да побара прием за разговор.

За поскапените услуги на Катастар реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму обвинија дека со новиот тарифник на катастарот, за кој дала согласност Владата, цените на услугите се поскапени за 100, 200 па дури и 500 отсто.

„Ако досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552 денари; ако правото на упис на стан досега чинеше 300 денари, сега е 1200 денари; ако имотен лист чинеше 180 денари, сега е 250 денари“,посочија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ одговорија дека не е точно дека цените на катастарските услуги се зголемени за сите услуги, најмалку пак, дека се зголемени за пет пати.

„Како што е и јавно објавено новиот тарифен модел, поединечните цени на податоците од Геодетско катастарскиот информационен систем (ГКИС) и надоместокот за запишување во катастарот на недвижности не се енормно зголемени како што се дезинформира јавноста тук се на ниво на реално направени трошоци за нормално функционирање и одржување на електронските системи. Со тоа што се воведени и фиксни надоместоци за користење на дел од податоците од ГКИС, како и за запишување на правата на недвижностите. Овој надоместок во претходните тарифници изнесувал од 100 до 300 денари, а сега е пропишан единствен износ во висина од 250 денари кој е и единствен надоместок за одредени производи од ГКИС“,информираа од СДСМ.

Back to top button
Close