Тунел на љубовта
Замислете, оној шизикот од Арачиново што се провозе со „бентлито“ низ новогодишните украси од срценца на Плоштадот Македонија да го направеше тоа, на пример, во Вашингтон, или Њујорк. На сите светски телевизии ќе се вртеше изрешетана кола со веста дека спречиле терористички напад во пешачка зона. И во Париз и во Лондон не верувам дека би ризикувале. Ќе мислеа дека е терорист и немаше да му дадат шанса да се објаснува со полицијата. Евентуално во Стокхолм, Берлин, Амстердам можеби ќе куртулеше, ама сега сигурно ќе беше сместен на психијатриско посматрање во некоја установа. Со одземена возачка дозвола до крајот на животот. А низ Цирих, или Женева ако им се повозеше низ божиќните декорации, колата веќе ќе му беше ставена под преса за старо железо. Возачката дозвола ќе му беше замината во историјата, со доживотна забрана за возење какво било превозно средство.
Ама кај нас, кој би помислил на тероризам кога сосем нормално е со коли да се вози на кејот на Вардар помеѓу клупите за одмор и гостите седнати по летните тераси на пијачка и лапачка и да се паркира под мостовите на Вардар. И затоа, за големо достигнување се смета кога некој таков шизик ќе го фати полиција, па уште и ќе го казни.
На возачот на „бентлито“ му била изречена казна од 45 евра. Лично, сметам дека висината на казната не е за дискусија. Важно е дека некој е казнет. Тој факт беше доволен за градоначалникот на главниот град Петре Шилегов да се пофали дека полицијата успеала некого да казни затоа што возел со кола низ пешачка зона во украсениот Тунел на љубовта. И доказниот материјал, записникот од прекршочната казна, го објави на Фејсбук. Тоа е историски чин во практикувањето на правдата, така што потоа, сосема заслужено, за овој подвиг на полицијата си се пофали и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
И ако самиот чин на казнување на некого што со кола поминал низ новогодишна декорација може да се прослави како голем успех, тогаш што да се каже за податокот дека казнетиот е од Арачиново? Е тоа е веќе триумф на правната држава.
Во земја-кандидатка за ЕУ не треба да се дебатира дали казната е мала, голема, соодветна или несоодветна. Самиот факт дека некој е казнет за возење низ плоштад, па уште и дека казнетиот е од Арачиново, треба да се забележи во следниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ. Ова е исто како да сме затвориле едно поглавје од преговорите што треба да ги почнеме кога Бугарија ќе го тргне ветото.
Целата колумна на Горан Михајловски на „СДК“ на следниот линк.