Турција е едно од сеизмичките најтрусни подрачја во светот

Турција, која беше погодена од два екстремно силни земјотреси денеска, се протега на неколку раседи, меѓу евроазиската и африканската тектонска плоча, и затоа е меѓу сеизмички најактивните области во светот. Само минатата година турските сеизмолози забележаа повеќе од 22.000 послаби земјотреси, јави словенечката новинска агенција СТА.

Земјотресот што се случи денеска со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала е еднаков на земјотресот од 1939 година во кој загинаа 33.000 луѓе.

Тој земјотрес ја погоди Турција ноќта меѓу 26 и 27 декември 1939 година. Со магнитуда од 7,8 степени е вториот најсилен земјотрес регистриран во Турција. Според податоците објавени од Википедија, само земјотресот во северна Анадолија во 1668 година бил посилен.

Во исто време, земјотресот што се случи на крајот на 1939 година, со епицентар во близина на градот Ерзинџан, неколку стотици километри северно од денешниот епицентар во јужниот до југоисточниот дел на Турција, беше најсмртоносната природна катастрофа во современата турска историја. Речиси 33.000 луѓе загинаа, околу 100.000 беа повредени.

Катастрофалниот земјотрес што се случи во 1999 година е дел од серијата силни земјотреси долж северноанадолскиот тектонски расед помеѓу евроазиската и анадолската плоча, кои веќе биле активирани 60 години порано.

Се случи на 17 август 1999 година, со јачина од 7,6 степени и со епицентар во близина на градот Измит на западот на земјата, на околу стотина километри источно од Истанбул. Во тој земјотрес загинаа повеќе од 17.000 луѓе, според некои податоци повеќе од 18.000. Земјата се тресела 37 секунди, а епицентарот бил плиток, на длабочина од 15 километри.

Тој земјотрес предизвика и опасен пожар во блиската рафинерија за нафта и предизвика цунами во дел од Мраморното Море, кое однесе дополнителни 155 животи.

Сите земјотреси што следеа во изминатите повеќе од 20 години беа значително помалку разорни. Земјотрес што се случи на 1 мај 2003 година, со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, ја погоди источна Турција, при што загинаа повеќе од 170 луѓе.

Во октомври 2011 година, посилен земјотрес со јачина од 7,2 степени однесе околу 600 животи на истокот на земјата.

Во 2020 година, прво во јануари, во земјотрес со јачина од 6,7 степени, загинаа околу 40 луѓе. Фокусната точка беше на истокот на земјата, потресите се почувствувани во Сирија, Ерменија и Грузија.

Потоа, во октомври истата година, 117 луѓе загинаа во земјотрес со јачина од 7 степени во близина на егејскиот град Измир, но повеќе жртви има во соседна Грција отколку во Турција.

Денешниот земјотрес, кој според последните податоци во Турција и соседна Сирија однесе повеќе од 1.300 животи, секако е најголемата катастрофа од ваков вид што ја погодила Турција во 21 век. рп/

Back to top button
Close