Турција ги нападна позициите на ПКК во Ирак и Сирија

По терористичкиот напад во Анкара, Турција со проектили гаѓаше локации поврзани со курдската милитантна група Курдистанска работничка партија (ПКК) во северен Ирак и северна Сирија, соопшти турското Министерство за одбрана.

„Извршена е воздушна операција против терористички цели на северот на Ирак и Сирија, а успешно се уништени вкупно 32 терористички цели“, се наведува во соопштението на Министерството, во кое се додава дека операциите продолжуваат.

Извршителите на нападот во Анкара најверојатно се членови на ПКК, забранета во Турција, изјави претходно министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

– Објектите на Турската воздухопловна индустрија (ТАИ) во Анкара беа цел на терористички напад во средата, при што загинаа петмина, а беа ранети 22 лица. Двајцата терористи кои го извршија нападот, од кои едната жена, се елиминирани, рече Јерликаја.

ПКК веќе неколку децении се бори против турските власти, а САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација.

ТУСАС е најголемиот турски производител на авиони и хеликоптери, вклучувајќи го и првиот турски борбен авион КААН. Сопственици се Владата и Фондацијата на турските вооружени сили, а во неа работат повеќе од 10.000 луѓе

Back to top button
Close