Туристи на коњи уживаат во македонските убавини

Туристи од Португалија, Швајцарија, Франција и Велика Британија преку шестдневен туристички пакет, којшто вклучува јавање со коњи и посета на села и винарии во Тиквешкиот регион, се запознаат со природните убавини на земјава на еден поинаков начин.

Каролина Мерлу од Португалија, која има 27 години и која на македонско тло го прослави роденденот, ја сретнавме во Винскиот музеј во Кавадарци, каде беше дојдена со група странски туристи кои беа дел од неколкудневна туристичка тура. Ова и е втора посета на земјава, откако претходно била дел од слична туристичка тура во Галичник.

– Доаѓам на вакви тури бидејќи ги сакам животните, дел сум од ветеринарната професија. Ги сакам природата, животните, патувањата, љубовта, добрата музика и доброто вино, вели Мерлу.

Истите овие работи ја исполнуваат и Јелизавета Виничкаја од Украина, која исто така претходно била на слична туристичка тура со коњи во Галичник. По професија е финансиски консултант и живее во Франција, а слободното време го користи за прошетки во природа.

За разлика од Мерлу и Виничкаја, Хелен Пико од Велика Британија за прв пат беше на едно вакво туристичко доживување, иако имала големо искуство со вакви туристички дестинации и одмори.

За првпат во посета на земјава беше и Карин Макшо од Швајцарија која дошла по предлог на нејзината пријателка по потекло од Украина.

Ваквите тури ги организира Шерпа Хорс рајдинг. Нивниот претставник Васко Величковски во изјава за МИА посочува дека целта на ваквите посети е да се доживеат богатствата на земјата на еден поинаков начин, вклучувајќи го и винскиот туризам што е се поактуелен во светот.

 

Многумина од туристите што вообичаено доаѓаат на ваквите несекојдневни туристички тури, како што посочува Величковски, обично не се познаваат претходно, но тука стекнуваат нови пријателства.

– Тие значи најчесто доаѓаат сами. Но, од моја страна им е целата организација на тоа што ќе се посети и каде ќе се спие и слично. Се случува две туристки да спијат во иста соба а да не се познаваат. Склучуваат ново пријателство, вели Величковски.

Најчесто групите туристи се по околу десетина луѓе. Имало и случаи кога никој со никого да не се познава, пред да бидат дел од една ваква приказна на македонска територија. Македонските убавини биле сведок на многу нови познанства и многу нови пријателства, доживувања и спомени.

Винскиот музеј Кавадарци е на мапата за туристи со коњи низ Тиквешко. Странските туристи ја посетуваат оваа културна установа, откако претходно поминуваат неколку километри на коњи во прекрасната еко и етно околина на тиквешкиот крај. Во Винскиот музеј тие се запознаваат со богатата историја, култура и традиција на лозаровинарството во Тиквешкиот регион.

– Благодарение на претходно остварената соработка, веќе втора година, Винскиот музеј за регионот Тиквеш е на агендата на ваквите посети на туристите, кои тука можат да дегустираат од богатата палета на тиквешки и македонски вина и ракии со извонреден квалитет. Во нашите две винотеки „Градска” и ,,Центар”, може и да си купат од производите од грозје од ова поднебје, кои кај нив оставаат извонреден впечаток, вели директорката Елизабета Ристова во изјава за МИА.

Back to top button
Close