Уапсени македонски и српски државјани во Солун, откриени над 21 килограм накит и злато во нивните возила
Двајца македонски и двајца српски државјани биле уапсени во Солун откако во возилата со кои се превезувале биле пронајдени накит и осум прачки, веројатно златни, а сопствениците не можеле законски да го оправдаат поседувањето, јави дописничката на МИА од Атина.
Големата количина накит и осумте златни прачки, со вкупна бруто тежина од 21.475 грама биле откриени, при патрола на полицајци во Солун, во две возила, едното со македонски, другото со турски регистарски таблици.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, уапсени се двајца државјани на Северна Македонија, едниот на 72, другиот на 36-годишна возраст и двајца 37-годишни државјани на Србија.
Паралелно, запленети се возилата и мобилните телефони, полицијата ќе го истражи потеклото на накитот и златото.