Уапсени осум лица за вооружениот грабеж на банка во централна Грција – стојат за зад уште десет други кражби

– Шест мажи и две жени се уапсени за вчерашниот вооружен грабеж во филијала на банка во градот Като Титотреа во централна Грција, од каде што одзеле 217.000 евра, а се членови на криминална организација што располагала со тешко оружје и стои зад десет други грабежи на банки и кражби на мотоцикли и автомобили, јави дописничката на МИА од Атина.

Началникот на Дирекцијата за борба против организиран криминал Фотиос Дуицис и портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду на прес-конференција денеска информираа дека станува збор за „разбивање на една особено опасна криминална организација, која дејствувала најмалку од јануари 2022 година и развила систематска активност, главно во вооружени грабежи на банки“.

Дуицис посочи дека криминалната организација „не дејствувала случајно ниту избирала цели по случаен избор“, а на секој грабеж му претходеле повеќедневни подготвителни активности, ги набљудувале своите цели, користеле украдени возила и лажни регистарски таблички, менувале возила за бегство, користеле средства за маскирање и применувале мерки за да не бидат следени.

Од спроведената истрага кај уапсените биле пронајдени 215.345 евра, Калашников, автоматско оружје Шкорпион, пет рачни гранати, пет пиштоли, голем број куршуми, детонатори, панцирен елек, повеќе мобилни телефони, шест перики и лажни бради, лажни регистарски таблички, различни алати и сл.

Портпаролката на грчката полиција објасни дека за време на вчерашниот грабеж, две лица маскирани како постари луѓе, носејќи перики, лажни мустаќи и бради, влегле во филијалата и под закана со два пиштоли и автоматско оружје тип Шкорпион, одзеле 217.000 евра, а трето лице, вооружено со Калашников, останало пред објектот за да ја надгледува околината, додека по извршувањето на грабежот сторителите избегале со возило со лажни регистарски таблички, во кое ги чекал четвртиот соучесник како возач.

Потоа го напуштиле првото возило за бегство и се качиле во втор автомобил, кој исто така имал лажни регистарски таблички и во кој ги чекал петти член на организацијата.

Во пладневните часови истиот ден, објасни Димоглиду, по грабежот, полициски службеници од Дирекцијата за борба против организиран криминал, кои претходно го ставиле под дискретен надзор возилото за бегство на сторителите, спровеле операција за нивно запирање во пошироката областа на Коринт.

– Операцијата беше спроведена на однапред избрана безбедна локација, за да се исклучи опасност од повредување на случајните минувачи, полицајците и уапсените, со оглед на тоа што сторителите беа тешко вооружени и се сметаа за особено опасни. И покрај силниот отпор што го пружија, пет лица биле совладани и уапсени, додека паралелно се спроведуваа координирани претреси во домови и други локации од интерес во различни делови на земјата, објасни Димоглиду и додаде дека подоцна биле уапсени и останатите членови на организацијата.

Паралелно нагласи дека од особено значење е фактот што бил пронајден, запленет и вратен речиси целиот паричен износ што бил одземен при вчерашниот грабеж.

Истрагата на полицијата покажала дека уапсените стојат зад вкупно 11 грабежи на банки, еден обид за провала на банкомат, 11 кражби на мотоцикли и четири кражби на автомобили, додека вкупната финансиска корист што ја стекнале членовите на криминалната организација надминува 483.000 евра.

Министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис во интервју за државната телевизија ЕРТ утрово објасни дека полицијата веќе подолго време ја следела конкретната група. 

Back to top button
Close