Уапсени сопственикот,директорот и менаџерот на Фристајлер кој потона во новогодишната ноќ
Три лица, меѓу кои и еден грчки државјанин се уапсени во врска со тонењето на белградскиот сплав „Фристајлер“ за време на новогодишната ноќ, јавуваат српските медиуми.

Како што пренесува „Нова.рс“, во акцијата на полицијата и Третото основно обвинителство во Белград, се уапсени директорот, сопственикот и менаџерот на сплавот. Засега, нема прецизни информации кој од тројцата е грчки државјанин.
Инаку, информацијата за апсењето на тројцата осомничени ја потврдиле за РТС од надлежните институции.
Според информациите на српските медиуми, тројцата осомничени се товарат за кривично дело против општата безбедност. Тие, како што се наведува, се соочуваат со затворски казни од една до осум години, колку што предвидува кривичниот законик на Србија за ова дело.
Белградскиот сплав „Фристајлер“ до половина потона за време на новогодишната ноќ. Очевидци на драмата што се случила во популарниот клуб велат дека водата почнала да надоаѓа десет минути по полноќ, но дека на почетокот не разбрале што се случува. Кога сплавот се навалил, почнала паниката и стампедото кон излезот.За среќа, во инцидентот немаше повредени и настрадани лица.
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ вчера изјави дека според неговите информации, причината за потонувањето на сплавот е тоа што на него се качиле два до три пати повеќе луѓе од дозволеното и дека понтоните што биле додадени на сплавот не биле со иста издржливост како претходните. Шапиќ рече дека ќе има контроли и драконски казни, но и кривична одговорност.