Ќучук: Историјата не е турната под килим, таа е составен дел од преговарачката рамка

Историјата е составен дел на преговарачиот процес, таа не е турната под килим, напротив – заедничката историска комисија треба да го исполни со содржина нејзиниот мандат, вели во интервју за Радио „Фокус“, Илхан Ќучук, бугарски европратеник и известувач за РСМ во Европскиот парламент.

 

На прашањето – зошто Илинденското востание не се одбележало заеднички, како национален празник на двата народа, дали затоа што историјата била ‘пречкратана’ од протоколот со РСМ, Ќучук укажува дека состојбата е – токму обратна.

 

„Не ја пречкртавме, бидејќи историјата е составен дел на преговарачиот процес и не се согласувам дека е турната некаде под килим. Токму обратното, историјата како наука, која е конзервативна, треба да биде оставена во рацете на историчарите. Таков мандат и е даден на соодветната историска комисија, и тој мандат треба да биде исполнет со содржина. И таа навистина да работи во духот на науката, во духот на взаемното разбирање, да бидат најдени оние допирни точки што биле во минатото, и да бидат побарани нови допирни точки кои треба да стапат во иднината. Тоа e неизбежно поврзано со членството на Северна Македонијa во ЕУ. Таму можат да најдат место и Бугарија, и Северна Македонија, и тоа не му противречи на националниот интерес на Бугарија – напротив, го збогатува и го задолжува да биде многу посоодветен кон новите реалности што се случуваат“, вели Ќучук.

По кој пат ќе тргне РСМ?

Отсуството на заедничко чествување годинава Ќучук го припишува на нестабилната политичка ситуација.

“Ќе видиме како ќе биде догодина. Но со сигурност, секој заеднички обид да се одбележат такви датуми е задолжителен во нашите односи, ако тие имаат природно разбирање да врват кон иднината, а не кон национализмот, кон градење допoлнителни ѕидови”, оценува тој.

Доколку на европското членство не се гледа како на формалност за внатрешно-политичка употреба, според Ќучук, потребна е оценка каде сака да оди македонското општество, и уште поважно – каде македонскиот политички естаблишмент сака да го води тоа општество.

 

„Сега е дојдено времето да се врати довербата, откако се формализираа односите и тоа праведно, со договор кој треба да ги зацврсти односите меѓу двете земји, со посебен протокол, треба да бидат направени сите напори од бугарска и македонска страна за да проработат механизмите што се запишани, а не да останат лист хартија без да бидат реално исполнети. И да оставиме спокојно, во рамките на легитимниот мандат историската комисија да бара различни формулации, ако е неопходно – и со дејство на други нивни колеги, доколку тоа го помага процесот. Така што, прашањето е каде сака да биде Северна Македонија? Знам дека има луѓе кои сакаат да ја извлечат, и политичари кои имаат визија да ја извлечат на правилниот пат, да ја водат, има и такви кои сакаат да ја влечат во обратна насока. Тоа треба да го реши самата македонска елита“, вели Ќучук.

Специјален пратеник за Западен Балкан

Откако во последните години пофокусирано работел на прашања од надворешната политика, известувачот за РСМ го споделува впечатокот дека Бугарија може да направи многу за регионалната безбедност.

 

„Единственото место во кое Бугарија може да предлага модели за интеграција, модели за однесување и буквално да ги води земјите во насока која е вредна, тоа е Балканот. Не гледам друго место каде тоа може да биде направено“, вели тој.

 

Запрашан дали како известувач за РСМ и експерт кој се занимава со проблемите на Балканот, ќе предложи некаква иницијатива за Западен Балкан, ја посочува потребата Бугарија да има специјален претставник за тој регион.

 

„Само со моите, и со напорите на неколку луѓе кои работат фокусирано на темата ‘Западен Балкан’, нема како да биде кренатo нивото на бугарската дипломатија на радикално различно ниво. А од тоа имаме потреба во моментов. Второто од што имаме потреба, е јасното определување на политиката кон Западен Балкан, многу пофокусирана, многу поодговорна и ориентирана кон резултатите, каква што треба да биде секоја надворешна политика. Затоа ми се чини дека таа идеја станува сѐ поактуелна: заедно со специјалните пратеници на САД, Велика Британија, Австрија, Германија и Словенија која е на пат да има специјален претставник за Западен Балкан, сакам и Бугарија да се нареди на масата каде што се дискутира иднината на регионот. Тоа не е само како геополитичка ориентација, тоа е поврзано и со економска и транспортна поврзаност, дигитален развој, иновации и образование, насочено кон иднината. Од тоа Бугарија само би добила“, порачува Ќучук.

Извор: Дв

 

Back to top button
Close