Угина и третиот коњ во Зоолошката градина:  Истрагата треба да покаже дали животните биле отруени

Еден ден по угинувањето на двата коњи, во скопската Зоолошка градина угинал и третиот прежевалски коњ. Станува збор за ретки им многу вредни коњи кои по потекло се од Монголија, а во скопската Зоолошка биле донесени од Австрија како донација од компанијата „Сафари Македонија“.

Првиот случај за угинатите коњи во полицијата го пријавил вработен во Зоолошката градина кој се посомневал дека коњите се отруени. Од МВР денеска потврдија дека вчера околу 14 часот во Зоолошката градина угинал уште еден коњ.

Направена е обдукција и се чекаат официјални резултати“,  изјавил за мета.мк  Зоран Попов, в.д. директор на скопската Зоолошка градина.

Сомнежите се дека станува збор за намерно труење, бидејќи, како што сведочат вработените, сè се случило премногу брзо, во околината немало никаква друга храна, коњите не давале знаци на болест претходно, а во близина имало и угината птица.

Неодамна, жирафата Каспер, долгогодишен омилен жител на ЗОО Скопје, угина од инфекција „салмонела“. Според патохистолошката анализа од Факултетот за ветеринарна медицина, констатирано е дека оваа инфекција била пронајдена во желудникот на жирафата, црниот дроб, слезината и цревата. По овој случај, суспендиран беше ветеринарот вработен во Зоолошката градина, со оглед на тоа што жирафата подолго време страдала, а не била навремено дијагностицирана.

Од скопската Зоолошка градина засега нема официјално објаснување што се случило со коњите.

Вчера со реакција се јави еден од донаторите на вредните прежевалски коњи.

-Очекувавме и се надевавме на овие животни да им биде пружена многу подобра нега, а не тие да угинат на ваков начин. Во моментов, не знаеме точно од кои причини угинале коњите, но во секој случај станува збор за тажна епизода, бидејќи скопската Зоолошка градина изгуби вредни животни – рече донаторот истакнувајќи дека се работи за исклучително ретки и вредни животни и изразувајќи разочараност од третманот што го имале коњите во скопската Зоолошка градина.

Обдукцијата треба да утврди што било причина за смртта на расните коњи.

 

 

 

Back to top button
Close