Украински власти: Киев веќе доби 90 отсто од средствата од замрзнатиот руски имот

Украина веќе доби околу 45 милијарди долари, односно 90 отсто од очекуваното финансирање од приходите остварени од замрзнатиот руски имот, изјави денеска украинскиот министер за финансии Сергиј Марченко, повикувајќи на понатамошни акции преку директна мобилизација на овој имот.
За време на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, украинската делегација водеше бројни разговори со меѓународните партнери, особено фокусирајќи се на финансирањето за 2026 година и продолжување на реформите, пренесе парискиот весник Монд на својот сајт.
Марченко го поздрави спроведувањето на механизмот кој овозможува користење на приходите од замрзнатиот руски имот за поддршка на Киев, со нагласок на потребата од „предвидлива и одржлива“ меѓународна поддршка во услови на тековната војна.
Украинскиот министер ја нагласи итната потреба за воспоставување сеопфатен механизам за директна мобилизација на рускиот имот, верувајќи дека тој би можел да стане клучен извор за финансирање на обновата на Украина, чии потреби надминуваат 588 милијарди долари во текот на следната деценија.
Марченко ги спомена разговорите со неколку партнери, вклучувајќи ја и Европската Унија, која неодамна одобри 90 милијарди евра помош за 2026-2027 година, што се смета за неопходно за покривање на буџетските потреби на земјата.
И покрај војната, Украина очекува економски раст во текот на 2026 година, но и понатаму е во голема мера ограничена од трошоците за одбрана, кои претставуваат повеќе од две третини од нејзиниот буџет, додаде украинскиот министер.






