Унгарија работи за организирање нова средба за мир во Украина
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека се работи на организирање на уште една средба на високо ниво за мир во Украина. „Се прават напори следната рунда на мировната конференција да се одржи оваа година – нешто што несомнено ќе го поздравиме и цениме“, изјави Сијарто.
„Верувам дека ако сакаме да се надеваме на успех на која било мировна конференција во иднина, ќе мора да се погрижиме двете страни /во конфликтот/ да бидат претставени“, додаде тој.
Русија не беше поканета на првата мировна конференција за Украина, што се одржа минатиот месец во Швајцарија.
Во понеделникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека подготвува втор таков состанок што ќе се организира во ноември.
Унгарија, која на почетокот на овој месец го презеде шестмесечното ротирачко претседавање со Советот на ЕУ, објави дека се обидува да посредува меѓу Русија и Украина. Унгарскиот премиер Виктор Орбан последователно ги посети Киев, Москва, Пекинг и Вашингтон во „мировни мисии“, за што беше критикуван од голем број западни земји.