Уште пет лица погубени во Иран поради протести и наводни врски со Израел

Уште пет лица се погубени во Иран во краток временски период, објавиja денеска ирански медиуми, пренесува ДПА.

Тројца мажи беа егзекутирани рано утрово во врска со масовните протести во јануари. Тие се обвинети дека учествувале во протестите во североисточниот град Машхад и дека биле дел од заговор поврзан со Израел.

Иран во саботата погуби уште двајца мажи откако Врховниот суд ги потврди нивните смртни казни поради шпионажа во корист на Израел и за соработка со израелската тајна служба. Според наводите, тие пренесувале доверливи информации.

Од почетокот на војната со Израел и САД на 28 февруари, иранското правосудство спроведува строги мерки против критичарите. Оттогаш, неколку лица се погубени под сомнение за шпионажа во корист на Израел.

Организациите за човекови права долго време ја критикуваат употребата на смртната казна во Иран, обвинувајќи ги властите дека погубувањата ги користат првенствено како средство за заплашување. Според податоците на новинската агенција на организацијата „Активисти за човекови права во Иран“ (HRANA), со седиште во САД, повеќе од 2.000 луѓе биле погубени минатата година, што е највисока бројка во последните децении.

Back to top button
Close