Уставниот суд ќе разгледува осум иницијативи, меѓу нив и задолжителната медијација во спорови до еден милион денари

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 24. седница, на која на дневен ред се осум иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и еден предлог за одлучување по нацрт-одлука.

Меѓу иницијативите што ќе ги разгледува Судот е и онаа со која се оспорува член 461 од Законот за парничната постапка, односно законската одредба со која е предвидена задолжителна постапка на медијација како процесен услов за поведување и водење постапка во спорови кога странките се правни лица, а вредноста на спорот е до 1.000.000 денари.

Подносителот на иницијативата, адвокатот Горан Николовски, смета дека воведувањето задолжителна медијација како процесен предуслов за пристап до суд претставува неоправдано ограничување на правната сигурност и предвидливост, бидејќи создава дополнителна, со закон непропорционално поставена пречка за остварување на судска заштита.

На дневен ред е и иницијативата на Славко Димитров за оценување на уставноста на член 157 став 8 од Кривичниот законик. Подносителот тврди дека со оспорената одредба се нарушува личниот карактер на моралните авторски права гарантирани со член 47 од Уставот и се ограничува правото на автономија и достоинство на авторот.

Уставниот суд ќе разгледува и две иницијативи поврзани со одредби од Законот за заштита на децата. Подносителката Климентина Ангелеска ги оспорува деловите од законот што се однесуваат на правата поврзани со првото, второто и третото новородено дете, оценувајќи ги како дискриминаторски.

Пред Судот ќе се најде и иницијатива за член 12 став 1 алинеја 9 од Законот за адвокатурата. Подносителот Оливер Давидовски го оспорува условот за упис во Именикот на адвокатите поврзан со претходно престанување на функција или работен однос со конечна одлука со која е утврдена одговорност. Во иницијативата се тврди дека поимот „одговорност“ не е доволно јасно и прецизно дефиниран.

Давидовски е подносител и на иницијативата за член 34-в став 9 од Законот за бесплатна правна помош. Со неа се оспорува можноста Министерството да одбие исплата на надоместок на вештак доколку утврди дека не ги исполнил своите законски обврски. Според подносителот, нормата не овозможува однапред да се предвиди што ќе се смета за неисполнување на обврските.

На седницата ќе се разгледува и иницијатива за акти на Агенцијата за супервизија на осигурување поврзани со вршењето осигурително-брокерски работи. Подносителот Жарко Хаџи-Зафиров смета оспореното укажување е во спротивност со Законот за супервизија на осигурувањето и со Уставот. Имено, се наведува дека Агенцијата за супервизија на осигурување им наметнува обврски на сите осигурителни брокерски друштва, кои со Закон не се предвидени.

Пред уставните судии ќе биде и иницијативата на Скендер Реџепи за Правилникот за начинот на водењето, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта.

Осмата иницијатива, поднесена од Славко Димитров, се однесува на точка 103 од Заклучокот на Владата донесен на 4 февруари 2020 година. Подносителот наведува дека со оспорената одредба се суспендира примената на Законот за авторско право и сродни права, на начин што Владата ја ограничила законската надлежност на Министерството за култура, што претставувало мешање на надлежностите на органите на управа и нарушување на принципот на поделба на власта.

Уставниот суд денеска ќе одлучува по нацрт-одлука по предметот У.бр.47/2026. Станува збор за предметот по кој Судот на 8 јули 2026 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 60 став 2 во делот „кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж“ од Законот за социјалната заштита.

 

Back to top button
Close