Вархеји за следната недела најави јасни пораки од европските челници за евроинтеграцијата на регионот

Еврокомесарот за проширување ова го кажа на Форумот за Западен Балкан на кој се вклучи онлајн, откако вчера беше во Скопје на средба со премиерот Заев, но не даде изјава за медиумите

Се надевам дека следната недела ќе слушнете многу јасни пораки од европските челници во овој поглед. Вчера бев во Скопје и една недела порано бев во Софија. Се обидуваме да ги придвижиме работиме напред. Ние сакаме ова да се придвижи уште оваа година.

Оваа порака денеска ја испрати еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји  од Форумот за граѓанско општество на Западен Балкан, во организација на Европскиот економски и социјален комитет, на кој се вклучи онлајн.

Тој вчера беше во посета на земјава и се сретна со премиерот Зоран Заев, но за тоа Заев информира на неговиот официјален Твитер профил, а на средбата немаше присуство на медиумите.

Премиерот Заев, кој денеска исто така се обрати на Форумот, изјави дека сите средби со Оливер Вархеји биле позитивни и дека се разговарало главно на три теми: Покрај прашањето со Бугарија, на масата се нашле и економскиот инвестициски план на ЕУ и Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија.

Во врска со блокадата од Софија, каде што еврокомесарот Вархеји беше минатата седмица, Заев рече дека прво доаѓа охрабрувањето на тимовите меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат во духот на изнаоѓање прифатливо решение.

Back to top button
Close