Важноста на родителската поддршка за квир лицата

За важноста, контроверзноста и субверзивноста на родителската поддршка за квир лицата.

Пред неколку дена читав статија за Стоунволските протести (Stonewall riots) и Њујоршката Парада на гордоста која се одржува секоја година од 1969та па наваму. Во статијата имаше неколку фотографии од кои погледот ми се задржа токму на следнава: црно-бела фотографија од едно младо момче со поглед вперен во камерата и една ситна женичка до него со пркосна насмевка, која во рацете цврсто држи плакат на кој пишува: „Родители на геј лица: обединете се за поддршка на нашите деца“.

Станува збор – како што откривам подоцна – за Џини Менфорд (Jeanne Manford), основачката на групата за поддршка PFLAG – Parents and Friends of Lesbians and Gays (Родители и пријатели на лезбијки и геј мажи) која ќе стане инспирација за огромен број родители на ЛГБТ деца. Момчето со кое гордо маршира на Парадата е нејзиниот геј син Морти.

Неколку дена претходно, Морти (кој тогаш имал само 21 година) бил претепан на протест против весникот New York Daily News кој објавил текст со погани зборови за хомосексуалците. Гневна и растревожена, Џини веднаш застанала во одбрана на својот син, па кога тој ја поканил да маршира со него, таа веднаш се согласила. Имала само еден услов: да излезе со плакат.

Во интервју за Making Gay History во 1989 год., Џини вели дека била изненадена од третманот кој го добила на маршот. „Вриштеа! Се дереа! Се стрчуваа и ме бакнуваа. Ќе зборуваш ли со мајка ми? Уау, да те видеше мајка ми тука…, такви работи. Не им се веруваше дека некој родител би го направил тоа.“ Присуството на Џени фрлило светлина врз надежта дека ЛГБТ лицата можат да добијат поддршка од своите родители.

За тоа колку јавната поддршка од родителите на квир деца е истовремено контроверзна, субверзивна и неизмерно потребна сведочат реакциите и вниманието кои ги доби жената која држеше транспарент „Горда мајка! Too Cool for Straight Daughter“ и маршираше гушната со својата квир ќерка на Парадата на гордоста во Скопје во 2019. „Ја сакам ќерка ми, затоа сум овде. Останатите родители веројатно се срамат, но јас не се срамам од ќерка ми“, изјави таа за Радио МОФ. Не случајно Слободен печат ја избра токму оваа фотографија за слика која го обележа летото.

Кога Џини ја формирала групата за поддршка, сè што сакала е да создаде простор за родителите (кои со денови ѝ вртеле по телефон и ѝ праќале писма откако ја виделе на Парадата) да можат да се запознаат и да разговараат едни со други и притоа да сфатат дека не се сами. „Зашто секој од нив си мисли, јас сум единствениот кој има дете кое е геј, и нема шанси да дозволат другите да дознаат за тоа.“ Во субверзивниот (и ненаметливо квир) простор кој го создала Џини, родителите можеле да ги симнат не само своите маски туку и идеолошката маска на хетеронормативното општество кое ги убедувало дека она што го прават нивните деца е погрешно, болно и настрано.

Но, што станува со самите квир деца? Колку стравот и срамот од тоа да бидат отфрлени од својот „матичен дом“ ги спречува да ја симнат сопствената маска пред најблиските? Колку тој страв и срам прераснуваат во интернализирана хомофобија?

 

Улогата на родителската поддршка во процесот на идентификација

Семејството игра важна улога во психолошкиот развој на секое дете, а родителскиот пристап е особено клучен во периодот на адолесценцијата. Тоа се годините во кои младите луѓе го осознаваат светот, го градат својот вредносен систем и подлежат на телесни, психосоцијални и когнитивни промени.

Адолесцентите кои имаат поблизок однос со своите родители покажуваат повисок степен на самодоверба, само-вреднување и задоволство (Wilkinson, 2004). Согласно со тоа, истражувањата покажуват дека родителската негрижа и запоставување четирикратно го зголемува ризикот од депресија и самоубиствени идеи во адолесцентските години (Macalli et al., 2018).

Според истражување од Pew Research Center, повеќе од 45% од ЛГБТ младите за првпат почувствувале дека постои шанса да се геј и почнале да ја преиспитуваат својата сексуалност и/или родов идентитет на возраст од 10-14 години. Околу 92% од нив изјавиле дека веќе биле сигурни дека се лезбијки/геј/би/транс на возраст од 17 години.

Токму затоа, во овој процес на идентификација, себе-откривање и најважно од сè – себе-прифаќање, на ЛГБТ децата им е потребна поддршка од родителите како авторитети на кои се огледуваат и чие мислење им е важно. Во адолесцентските години, ЛГБТ младите се многу често булирани, исмевани и неприфатени од своите врсници, па перцепцијата која ја имаат за себе е и онака изместена и кревка. Ако не се вреднувани ни од сопствените родители, каква ли извртена слика за себе ќе имаат овие деца?

За жал, согледбите од истражувањето „Нееднаквости во здравјето и правата на ЛГБТ-младите на 13 и 15 години во Северна Македонија“ спроведено од Коалиција Маргини во 2018 година покажуваат дека дури една третина од ЛГБТ-девојчињата и една половина од ЛГБТ-момчињата сметаат дека не добиваат доволно поддршка од родителите, наспроти високите проценти на задоволство кај нивните хетеросексуални врсници.

 

Што да очекуваат „отпадниците“?

Точно е дека индивидуалниот пристап и комуникацијата која родителите ќе ја развијат со своите деца ќе влијае на тоа колку тие ќе се чувствуваат безбедно и слободно со нив да разговараат за својата сексуална ориентација. Сепак, не може (и не смее) да се занемари притисокот од хетеронормативната средина во која тие израснале.

Додека се мали, пред воопшто да станат свесни за својата сексуалност и родов идентитет, ЛГБТ децата растат во хетеронормативен (и неретко хомофобичен) систем во кој хомосексуалноста и трансродовоста се отфрлени, клеветени и стигматизирани. Како што растат, тие почнуваат да ја интернализираат општествената порака дека не се добредојдени и дека нема да бидат прифатени (Goldfried, 2001). Па така, не треба да нè изненадува тоа што ЛГБТ децата се плашат од реакцијата на родителите или очекуваат да бидат отфрлени. ЛГБТ децата почнуваат да се доживуваат себеси како туѓинци и отпадници (outcasts) во сопствениот дом пред воопшто и да „излезат од плакарот“.

Според последното истражување од „Еуростат“ од 2018 година, дури 82,9% од младите лица (18 – 34 години) во Северна Македонија сè уште живеат со своите родители. Овој податок е дотолку попоразителен за ЛГБТ младите кои во „најдобар случај“ се принудени да водат двоен живот односно да го живеат својот квир идентитет надвор од домот, а да го „глумат“ општественоприфатениот идентитет во семејниот дом; или во најлош случај – потиснувањето на нивната сексуалност да доведе до тоа никогаш да не се прифатат себеси и да останат заклучени во плакарот.

Тука се издвојува една група на ЛГБТ млади – оние млади од внатрешноста на земјата кои мигрираат во главниот град за време на студиите. Далеку од матичниот дом, тие се конечно ослободени од хетеронормативните стеги на семејниот дом и најголемиот дел токму тогаш ја прифаќаат својата сексуалност и квир идентитет. Меѓутоа, што се случува кога овие млади се враќаат дома кај семејствата (да речеме, за празниците/распустот)? Маската се враќа на главата и претставата продолжува.

Во една ваква незавидна ситуација се наоѓаа голем број ЛГБТ млади за време на ковид пандемијата. Дел од нив, чиишто родители не се запознаени со нивната сексуална ориентација и идентитет, тивко го водеа својот двоен живот, со тоа што нивниот квир идентитет, она нивно автентично јас, заврши повторно назад во плакарот, заедно со фустаните, кошулите, ланчињата и кутивчето glitter со кои се дотерувавме за журкање и бегање од реалноста во „минатиот“ живот. Во услови кога за квир младите семејниот круг не е место во кое ти се слободни да бидат она што се, единствениот излез за настраноста се чини дека е виртуелниот свет.

Но што станува, да речеме, со оние ЛГБТ млади кои се аутирале непосредно пред пандемијата? Да си замислиме дека семејството не ја примило добро ваквата информација, дека тие не наишле на поддршка, туку грубо и едногласно биле отфрлени (тука понекогаш следи ултиматум да се вратат на „другата“ страна, во спротивно семејството ќе се „откаже“ од нив). Во разговор со едно трансродово момче, тој ми го раскажа своето нималку едноставно coming out искуство и беспомошната ситуација во која се нашол на почетокот на ковид пандемијата:

Јас не сум имал никогаш официјален coming out, пре би рекол дека целиот тој процес (огромен) беше претпоставки и препукувања. Во тој период ми немаше поента да потврдам веќе очигледни работи. Секако нели, како созревав тој идентитет ми се зацврстуваше и излаваше на површина. Имав поддршка од некои членови на моето семејство, од некои воопшто немав. Од тие што немав, мојот идентитет беше игнориран и ставан под тепих, од тие што имав поддршка мислам дека имав затоа што не разбираа колку трансродовоста е сериозна, па и голема на моменти. Кога дознаа (случајно) дека сум во медицинска транзиција ја изгубив поддршката од сите, со сите околности со оглед на тоа дека се случи сред пандемија, завршив у шелтер центар. Сега имам океј однос, многу подобар и поздрав од порано, но дистанциран и мислам дека дури сега почнуват да ме прифаќат таков каков што сум.

Во САД, секоја година околу 1,6 милиони млади лица остануваат на улица. Од нив, околу 40% се идентификуваат како ЛГБТ. Во истиот извор, се споменува истражување во кое 68% од испитаните млади ЛГБТ бездомници изјавиле дека биле отфрлени од семејствата откако излегле од плакарот и поради тоа се на улица.

Овој проблем не изгледа така далечен ни за ЛГБТ лицата во Северна Македонија, за што сведочи изјавата на мојот трансродов соговорник, кој по затворањето на студентските домови на почетокот на пандемијата, бил принуден да се врати во семејниот дом. Кога неговите родители дознале за медицинската транзиција, тој ја изгубил нивната поддршка и останал на улица. Можеме да замислиме за колкумина од нив изборот бил сведен на тоа да се покорат на барањата на семејството и да го задушат својот квир идентитет за „мир во куќа“ или да бидат оставени сами на себе/да бараат помош од неколкуте ЛГБТ-ориентирани невладини организации.

 

По што жалат родителите?

За луѓето кои не љубат и живеат по „општествено прифатливиот шаблон“, како што вели транс момчето со кое разговарав, сѐ е многу полесно кога не се чувствуваат како да се сами на светот. На прашањето дали вреди да се отвориш пред родителите, без разлика на исходот, мојот соговорник, навраќајќи се на сопственото искуство вели: „Од една страна ќе ми беше многу полесно да бев прифатен од сам почеток, од друга страна, пак, доколку не се случеше тој раздор помеѓу нас немаше сега да имаме волку здрав однос.“

За каков раздор станува збор? Низ што поминуваат родителите чии деца се аутирале? Иако секое искуство е индивидуално, постојат многу истражувања кои се занимаваат со оваа тематика (релацијата квир дете-родител) и кои можат да ни помогнат да се ставиме во нивните чевли.

Психолозите тврдат дека здравите семејни односи во вакви услови се невообичаени и дека траумата сама по себе е неизбежна (Boxer, Cook, & Herdt, 1991; Coleman & Remafedi, 1989). Во симболичниот момент кога детето ги известува за својата сексуалност, на родителите им се дава шанса да ги подредат одново своите очекувања и замисли за иднината на нивните деца. Соочени со реалноста, психолозите велат дека родителите минуваат низ фазите на жалост според моделот на Киблер Рос: негирање, лутина, договарање, депресија и прифаќање (кое во овој случај јас би го нарекла помирување).

Но да одговориме на прашањето: по што жалат родителите? Соочени со неконвенционалната форма на љубов и живеење олицетворена во детето кое стои пред нив (за која голем дел од нив велеле дека немаат ништо против, сè додека не затропа на вратата од нивниот дом), родителите на ЛГБТ деца жалат по хетеросексуалниот идентитет на своите деца и по своите надежи, соништа и очекувања за еден традиционален живот кој го замислиле за нив; жалат за внучињата кои (мислат дека) нема да ги имаат и за неможноста да ја искусат таа семејна врска; го оплакуваат сопствениот неуспех како родители и поединци; жалат што се немоќни да ја сменат ориентацијата на своето дете (Savin-Williams, 1998).

 

Јазолот помеѓу помирувањето и прифаќањето

Многу често, родителите се толку фиксирани на „загубениот“ хетеросексуален идентитет на детето, па иако тоа се истите оние деца кои ги изгледале, на чии успеси се гордееле, со чии скршени срца и училишни маки сочувствувале, одеднаш тие за нив стануваат непрепознатливи.

Токму тоа чувство на туѓинец пред сопственото семејство и поистоветувањето на твојата сексуална ориентација со тоа каква личност си ти (хомофобичните предрасуди со кои и родителите се растени) е она што останува длабоко зарежано во колективната траума на квир младите.

За искуството со ваквата дисоцијација или подвоеност – која не се должи на некаква промена кај децата туку на променетата перцепција кај самите родители – зборував со една пријателка, која се идентификува како бисексуалка:

Кога мајка ми самата сфати дека имам девојка, а не дечко, се почувствував како во тој миг да заборави која сум била дотогаш. Ме гледаше како човек што првпат го запознава, и на кој не може да му верува. После многу разговори ситуацијата стана подобра, и благодарна сум за тоа. Сепак, тој поглед на неверување, резервираност, дури и разочараност, е нешто што не може лесно да се потисне или заборави.

 

Слична е и coming out приказната на уште една бисексуална девојка и нејзината мајка:

На почетокот беше ужасно. Не зборувавме речиси шест месеци. Во тој период не живеев дома, а кога доаѓав да ги посетам, мајка ми буквално се разминуваше со мене како да сум дух. Тоа и ми го кажа еднаш, дека сум мртва за неа. По долго време конечно се смири топката и седнавме да разговараме. Го повлече тоа што го кажа, но сè уште беше лута, како нешто да ѝ беше одземено и сè уште се чувствуваше виновна. Каде згрешиле со татко ми? Во кој момент ме испуштиле? Ти не си повеќе истата, ми рече.

Со текот на времето разочараноста премина во некаква отапеност, помиреност, незаинтересираност. Темата се пикна под тепих, не зборувавме за мојата партнерка и иако дупката помеѓу мене и моите родители не се премостуваше, сепак чувствував едно огромно олеснување што веќе не морам да ја кријам мојата врска од нив.

За жал, помирувањето наспроти отвореното прифаќање на сексуалната ориентација на детето е најчестиот „среќен“ крај за ЛГБТ младите кои се доволно храбри да излезат од плакарот. Јазолот се шири и стеснува, се внимава што и како (не) се спомнува пред родителите чии тригери се како темпирана бомба, но товарот веќе не виси врз квир рамената.

 

За осаменоста и создавањето алтернативно квир семејство

Мислам дека она што ми беше едно од најголемите изненадувања во coming out искуството – покрај соочувањето и судирот со еден посебен (и досега невиден) тип на гнев и збунетост што излезе од мајка ми – беше чувството на осаменост. Тоа беше длабока, вовлекувачка осаменост која сепак (парадоксално) ја засили реалноста на ситуацијата која инаку се чинеше многу бизарна, пред сè заради тоа што бев ставена во ситуација да се правдам и „докажувам“ за нешто што за мене беше толку природно и непосредно – имено, јас, како девојка, да сакам девојки.

А потоа следуваше срамот, но и скршеното срце, скршено од согледбата дека твоите родители напросто одбиваат да те запознаат. Замислeтe, имате човек, дете, кое сте го сакале и негувале целиот негов живот дотогаш, сте му зборувале за важноста на љубовта, разбирањето, заедништвото, а од друга страна напросто одбивате да го запознаете, или пак не знаете како да го запознаете? Каде е тогаш љубовта без запознавањето, каде е желбата за среќа, каде е разбирањето? Има ли нешто поболно и поосамено од тој вид на незнаење (игнорантност, повеќе) за вашето дете? Тоа е она што длабоко ме погоди во судирот со мајка ми и мојата сексуалност која се „испречи“ меѓу нас – тоа дека мајка ми упорно се обидуваше да ме запознае, а истовремено толку упорно и одбиваше да го направи тоа. Имаше нешто речиси силеџиско во целата ситуација, и тоа ме правеше уште поосамена.

А сепак тие состојби и чувства истовремено беа причина да се доосознаам себеси како засебен човек, кој не зависи од сликата на своите родители, ниту пак може истите да ги гледа како непорочни, супериорни фигури. Ме натера и да ги согледам мноштвото недостатоци во нашиот однос, од детството па до денес, и ме натера да развијам механизми со кои ќе се заштитам себеси и во миговите кога повторно ќе бидам нападната за мојата сексуалност, и од родители и од останати.

И „лошите“ coming out искуства не се безнадежни, ниту пак се трајни. Важноста на создадените „семејства“ – пријателите, ЛГБТИ заедницата, културата кон која сме развивале континуиран интерес и сме ѝ посветувале внимание, сме се поистоветувале, сме ја надградувале, одново артикулирале – сите тие се слободни места на отпор и места во кои може да се искаже и отелотвори љубовта, колку и да е поинаква од доминантните форми. А потоа тука доаѓаат и физичките простори – темните места во парковите, неосветлените, заборавени ќошиња на градот, баровите тивко прогласени за слободни зони и safe spaces; но и не толку материјалните простори како патувањата, запознавањата – тие се исто така места на отпор и места на и за љубов, сексуалност, телесност – места во кои разменуваме зборови, бакнежи, допири, внимание… Места во кои се гради, постојано, заедништвото и опстојувањето на поинаквата љубов.

(анонимно писмо од една квир девојка)

 

 

Родителска квир утопија

Квир луѓето треба да ја насочат својата енергија кон тоа да ја замислат иднината, да ѝ погледнат во лице на суровата реалност, да сонуваат и да воведат нови начини на функционирање во светот, „да замислат и осетат едно таму и тогаш“ (Muñoz, 2010: 14). Затоа, и покрај големиот број негативни искуства, решив да го завршам текстов со една поинаква, инспиративна приказна.

За потребата од родителска поддршка на ЛГБТ младите влегов во преписка со Мирјана и Џоле, родители на геј момче чиешто излегување од плакарот ги поттикнало да станат активисти за ЛГБТ права. Мирјана и Џоле не биле изненадени кога нивниот син им открил дека е хомосексуалец бидејќи веќе некое време тој ја истражувал својата сексуалност. „Сепак“, велат тие, „секако дека се соочивме со фактот дека ќе биде дел од маргинализирана група и можеби ќе биде изложен на дискриминација.“

На прашањето што им паднало прво на памет кога дознале дека нивниот син е геј, тие одговараат: „Многу себично, ама: што ќе речат нашите роднини и пријатели и дали ќе го прифатат? Сега и од оваа дистанца, дел прифатија без никаков проблем, дел прифатија делумно и секако имаше и такви кои беа против. Но најважно од се е дека ние и неговото непосредно семејство немаме никаков проблем со неговата сексуалност и од нас ја има целата поддршка што можеме да му ја дадеме како негови родители.“

За Мирјана и Џоле, борбата за правата на ЛГБТ лицата е многу слична со борбата за правата на жените во минатиот век. Тие сметаат дека на Балканот оваа борба може да потрае подолго, но самите тие се оптимисти и велат дека времињата се менуваат на подобрo.

На крајот, ги прашав што би ги советувале останатите родители на ЛГБТ деца, на што тие одговорија:

Да ги сакаат своите деца и да пробаат да ги разберат. Ако ние како родители не се обидеме да ги разбереме и им дадеме поддршка на нашите деца, тешко дека некој од надвор ќе го направи тоа за нас. Секако дека не е лесно, особено за семејства со поконзервативни сфаќања, но сепак на крајот на денот, тие се наши деца кои не се ништо поразлични од другите врсници. Исто така, би ги советувала родителите да се обратат до ХКЧП, каде ќе ги поврзат со групата на родители на ЛГБТ деца. Тука ќе можат да разменат искуства и да си поприкажат со други родители.

Ова е само еден, за жал помалку застапен пример во кој владее меѓусебно разбирање помеѓу квир децата и нивните родители и во кој тие имаат поддршка за сексуалната ориентација и родовото изразување кое го избрале за себеси како автономни индивидуи. Нема похрабро нешто од тоа да се прифатиш себеси и да одлучиш да ја живееш својата вистина. Ваквиот чекор треба да биде поздравен и препознаен од најблиските, со оглед на тоа што оваа млада индивидуа доволно им верува на своите родители за да ги вклучи во процесот на себе-спознавање.

На крајот на денот, осаменоста, загубата, лошите coming out искуства, потребата од простори за љубење и живеење надвор од нормата, потребата од разбирање и поддршка, ги спојуваат квир децата кои добиваат шанса да создадат нови поинакви форми на семејство кои се темелат на безусловно пријателство, инклузивност и почитување на различностите.

Во овие колективи налик семејства, родителите се повеќе од добредојдени. Квир децата кои осетиле како е да се биде отфрлен, многу добро знаат колку е важно да се биде тука еден за друг, да се биде заедно. Во квир утопијата која ја замислува ова големо квир семејство, родителите имаат многу важна улога. Тие се мостот помеѓу хетеро и квир заедницата во борбата за поинклузивно општество која ја водат рамо до рамо со своите квир деца.

Користена литература:

Boxer, A. M., Cook, J. A., & Herdt, G. (1991). “Double jeopardy: Identity transitions and parent-child relations among gay and lesbian youth”. In K. A. Pillemer & K. McCartney (Eds.), Parent-child relations throughout life (p. 59–92). Lawrence Erlbaum Associates, Inc.

Coleman, E., & Remafedi, G. (1989). “Gay, lesbian, and bisexual adolescents: A critical challenge to counselors”. in Journal of Counseling & Development, 68(1), 36–40. https://doi.org/10.1002/j.1556-6676.1989.tb02489.x

Goldfried MR, Goldfried AP. (2001). “The importance of parental support in the lives of gay, lesbian, and bisexual individuals”. In Journal of Clinical Psychology. 5:681-93. https://doi.org/10.1002/jclp.1037

Macalli, M., Tournier, M., Galéra, C. et al. (2018). “Perceived parental support in childhood and adolescence and suicidal ideation in young adults: a cross-sectional analysis of the i-Share study”. In BMC Psychiatry 18, 373 (2018). https://doi.org/10.1186/s12888-018-1957-7

Muñoz, J. (2009). Cruising Utopia: The Then and There of Queer Futurity. NYU Press. 14.

Savin-Williams, C. Ritch. (1998). “The Disclosure to Families of Same-Sex Attractions by Lesbian, Gay, and Bisexual Youths”, in Journal of Research on Adolescence, 8:1, 49-68

Wilkinson R. B. (2004). “The Role of Parental and Peer Attachment in the Psychological Health and Self-Esteem of Adolescents”. in Journal of Youth Adolescence. 33: 479–93. https://doi.org/10.1023/B:JOYO.0000048063.59425.20

 

Душица Лазова
извор: Медуза

Back to top button
Close