Вчера се изрезилија денеска одложија за 2 мај. Судскиот совет не избра нов претседател.
Откако за два часа го пролонгира почетокот на седницата за избор на нов претседател, Судскиот совет ја одложи седницата за 2 мај, информира 360Степени.
Заменик-претседателот Селим Адеми, кој вчера го иницира разрешувањето на Весна Дамева од претседателската функција, рече дека седницата се одложува од причина што кога се прави избор на претседател, пожелно е сите 13 члена со право на глас да бидат присутни. Денеска, а и вчера, отсутна беше Мирјана Радевска-Стефкова.
Предлогот на Адеми да се одложи денешната седница помина со вкупно осум гласа „за“. Го поддржаа тој и уште шест членови што вчера гласаа за разрешување на Дамева: Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
Седум члена ја разрешија Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет – таа обвини за анархија и за исполнување желби на лица од политиката
Осмиот глас за одложување го даде судијката Мери Радевска, која вчера гласаше против разрешувањето. Меѓутоа, својот глас за одложување на седницата таа го образложи со тоа дека нема услови да се одржи седница со оглед на тоа како вчера била разрешена Дамева
Против одложување, пак, гласаа четворица членови: Ивица Николовски, Зоран Герасимоски, Тања Чачарова-Илиевска и Весна Дамева.
За да се избере претседател на Советот потребни се осум гласа, па знаејќи го расположението на членовите околу последните случувања, она што неофицијално се шпекулира е дека прашање е дали во овој момент би имало потребен број гласови за избор.
Дека нема потребно мнозинство за да се избере претседател алудираше и Весна Дамева на денешната седница, која рече дека ако досега не изградиле став членовите, тогаш не ни заслужуваат да седат таму каде што се.
„Два часа одложување на седницата не беа доволни, но јас се надевам дека во наредните два дена ќе има доволно време да се обезбеди потребното мнозинство. Непријатно ми е што ова се случува, сега веќе се нарушени сите постапувања. Иако очекував дека ќе имате мнозинство. Да видиме дали вашето незаконско разрешување понатаму ќе се реализира. Како заменик-претседател, Вие требаше да нè заштитите од сите можни влијанија, притисоци и закани итн. Ставот на секој судија и член на Судскиот совет е во овој момент и сега. Ако некој нема изградено став, тогаш не сме на ниво на задачата. Не знам што може да се смени после два дена”рече Дамева.
…