Верувале или не: Има голем напредок во преговорите со Бугарија!

Да барате, во која било денешна демократија, во сето ѓубре што се тркала по социјалните мрежи или низ „слободата на говорот“ на улиците, повод за заладување на односите меѓу државите, тогаш најдобро е веднаш сите да се откажеме од добрососедството и подобрата меѓусебна иднина.

Откако во последните две недели, заради шокот што со блокирање на македонската интеграција го предизвика во ЕУ, бугарската официјална политика доживеа тотална изолација и критика буквално од сите оние политички, општествени и медиумски инстанции во Европа кои за оваа тема имаа нешто да изјават. Бројни експертски и интелектуални гласови и во самата Бугарија излегоа со негативни оценки за начинот и причините заради кои Бугарската влада се одлучи за ветирање на отворањето на преговорите на ЕУ со Македонија.

Се чини дека во последните два-три дена тоа доведе до мала збунетост и ретерирање во официјалните бугарски позиции, каде нијансите во ставовите навестија продолжување на разговорите и во декември, после ноемврискиот бугарски надворешнополитички дебакл. Борисов и понатаму молчи, неодмерените изјави на Захариева добија нешто „помека“ дикција и поинаков контекст, а дури и агентот-провокатор Каракачанов (кој е единствениот кој во целата оваа кажа нешто политички можеби и ќе ќари) почна јавно да се правда дека тие не се против Македонија, но од принципиелни причини морале да го поднесат ветото во европските институции.

Вчера ваквиот пресврт – силен е тој збор, но можеби не е неточен – доби и официјална потврда од самата Захариева. Таа (ако може да се верува на она што и како е пренесено во македонските медиуми), критикувајќи ја „антибугарската кампања во земјава“, го изјавила следново: „Ете, тоа е причината. Основната причина поради која не можеме да кажеме ‘ДА’ во овој момент. Затоа што 30 години не само што толерираат како политички елити, туку и стимулираат државна политика заснована на омраза, чиста омраза кон бугарскиот народ и кон Бугарија. Тогаш не можеш да бидеш подготвен за започнување на преговори.“

Ова, простете, но е голем напредок во преговорите од бугарска страна, бидејќи „основната причина“ не е повеќе ни јазикот, ни идентитетот, ни Тито, ни Сталин и сите големи етно-историски наративи со кои Бугарија нè почести во последните неколку недели, туку само „антибугарската кампања“ која тие ја оценуваат како „државна политика заснована на омраза“ кон Бугарите.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close