Вештакот Горан Марковски: Инспекторот можел и морал да дејствува „Пулс“ да биде затворен

Пренамената, реорганизацијата на просторот, промените на електричната, водоводната и на канализациската инсталација и вградувањето несоодветни материјали непосредно влијаеле врз исполнување на основните барања за безбедност на дискотеката „Пулс“ – истакна вештакот и професор Горан Марковски на денешното рочиште за трагичниот пожар во Кочани одговарајќи на прашања на обвинетите.

Професорот посочи дека во согласност со Законот за градењето, надлежните органи морале да реагираат на незаконските зафати, но таква реакција изостанала сè до 16 и 18 март 2025 година кога првпат биле изготвени записници од инспекциски надзор за веќе опожарениот објект.

Според Марковски, во двата записника, составени од овластените градежни инспектори Николчо Боцев и Љупчо Стаменков, стои идентична констатација, а тоа е дека за објектот е издадено одобрение за градење со намена деловен објект за лесна индустрија. Професорот рече дека при првичната контрола во секторот за урбанизам при Општина Кочани нема податоци дека за објектот е издадено решение за пренамена и адаптација.

На прашање на обвинетите Марковски рече дека градежниот инспектор имал право и обврска да побара објектот да се врати во првобитна состојба бидејќи немало проектна документација, немало одобрение од Општината и дека објектот бил користен како дискотека, што носи висок ризик за безбедноста на посетителите.

– Според Законот за градењето, инспекторот можел и морал да дејствува објектот да биде затворен сè додека не се расчистат неправилностите – истакна Марковски.

Професорот заклучи дека објектот требало да се врати во својата легална првобитна состојба – објект за лесна индустрија, а не да продолжи да функционира како дискотека без документација, без одобрение и со сериозни ризици за безбедноста.

На паузата од рочиштето родителите на две деца што загинаа во трагедијата упатија силни и емотивни пораки барајќи одговорност и целосно расветлување на институционалните пропусти.

Според мајката Мита Тасева, од прашањата што обвинетите им ги поставуваат на вештаците се гледа дека тие детално ги познавале неправилностите и ризиците во објектот.

– Не може денес да ги набројувате сите пропусти, опасности и неправилности, а да тврдите дека со години не сте имале причина да реагирате – нагласи таа додавајќи дека судот мора да утврди кој знаел, што знаел, од кога знаел и зошто молчел.

Доколку се докаже дека опасностите биле познати, а надлежните свесно не презеле мерки, според неа, тогаш веќе не станува збор само за институционален пропуст, туку за свесно непостапување со можни кривични импликации.

– Одговорот на ова прашање не може да се избегне со бескрајно испрашување на вештаците затоа што 63 човечки животи се цената на тоа непостапување – додаде таа.

Во изјавата Тасева со треперлив глас го спомена и роденденот на своето починато дете.

– Во оваа ситуација сакам да ѝ го честитам роденденот на мојата ќерка. Сакам да му го честитам роденденот на мојот починат син.

Таткото Драги Стојанов, пак, рече дека ако инспекторот постапел како што треба, детето ќе беше живо.

Стојанов во својата изјава говореше со силна болка и огорченост обвинувајќи дека непостапувањето на надлежните инспектори директно придонело за трагедијата.

– Николчо што се брани дека не е крив – тој ми го уби детето. Ако извршеше контрола, утре немаше да одам на гробот и таму да славам роденден на моето прекрасно дете – рече Стојанов и додаде дека неговото семејство живее во трајна загуба.

Таткото упати остри критики кон институциите обвинувајќи дека корупцијата и неказнивоста довеле до трагедијата.

– Сите што биле во институциите, сè е корумпирано. За пусти пари ни ги утепаа децата – рече Стојанов. (infomax.mk)

 

Back to top button
Close