(ВИДЕО) Бајден и Трамп им испратија на Американците многу различни божиќни пораки

Претседателот на САД во заминување, Џо Бајден, ги повика Американците да размислуваат во тишина и да се обединат на Божиќ, а новоизбраниот претседател Доналд Трамп понуди празнична честитка и голем број политички фокусирани објави на социјалните мрежи, со кои двајцата политичари повторно ги покажаа своите разлики.

Во видеото од обиколката на божиќните украси во Белата куќа на Бадник, објавено на Јутјуб, Бајден ги повикува Американците „да ја остават настрана сета врева и се што не дели“.

„Ние сме овде на оваа Земја за да се грижиме еден за друг, да се сакаме“, вели Бајден додека камерата поминува покрај украсените новогодишни елки и камини во Белата куќа.

„Премногу често се гледаме едни со други како непријатели, а не како соседи, а не како сограѓани Американци“, рече тој.

Бајден ги повика Американците да најдат момент на „тивко размислување“ за да бидат охрабрени да се однесуваат со другите со достоинство и почит, да „живеат во светлината“ и да не заборават дека има повеќе што ги обединува Американците отколку што ги дели. „Навистина сме благословени што живееме во оваа земја“, заклучи тој.

Трамп на средината на утрото објави порака „Среќен Божиќ“ на својата социјална мрежа „Truth Social“ со фотографија од него и неговата сопруга Меланија. Потоа сподели дваесетина написи или други објави на социјалните мрежи кои ги поддржуваат неговите политички ставови за теми како што е контроверзната номинација на Пит Хегсет за секретар за одбрана или желбата на Трамп да го заземе Гренланд или Панамскиот канал.

Тој, исто така, сподели исмејувачко меме на Барак Обама на кое се прикажува фотографија од 44-от претседател и него на инаугурацијата во 2017 година со порака „Кога на вашата инаугурација ќе видите лик кој рече „никогаш нема да бидеш претседател“.

Џо Бајден ја презеде функцијата од Трамп во 2021 година, ветувајќи дека „ќе стави крај на оваа неграѓанска војна во која се судираат црвената со сината боја, руралното против урбаното, конзервативното против либералното“, за да објави во јули дека се повлекува од претседателската трка во 2024 година со цел, како што рече, да ја обедини земјата.

Според некои мерки, наместо тоа поларизацијата во земјата се зголеми, вклучително и за време на кампањата во 2024 година, во која Бајден повторно се спротивстави на Трамп, пред демократката Камала Харис да ја преземе трката од Бајден.

Избраниот кандидат Трамп, кој ќе ја преземе власта на 20 јануари, по победата на изборите повика на кривично гонење на наводните политички непријатели и вети дека ќе ја преструктуира федералната влада.

Back to top button
Close