(ВИДЕО) Жесток напад врз Киев – меѓу загинатите и дете

Утринава Русија изврши уште еден во низата жестоки напади врз Киев, главниот град на Украина, а според последните информации, загинаа најмалку две лица, од кои едното беше дете, додека четворица се повредени.

Како што соопшти градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, Русите повторно извршиле напад со употреба на ракети и беспилотни летала.

„Во некои области избувнаа пожари на местата на ударите; има загинати и повредени лица“, беше објавено на каналот на Телеграм на Воената управа на градот Киев (MVA).

Како што пренесува „Укринформ“, украинските воздухопловни сили предупредија на закана од балистички ракети, а во Киев и во повеќе региони беше прогласена воздушна тревога.

Истовремено, Русија потврди рекорден воен буџет за 2027 година и со тоа сигнализираше дека се подготвува за долготрајна војна. Оваа вест доаѓа во момент кога Украина се обидува да ја зајакне својата противвоздушна одбрана со нови западни системи, но и се соочува со внатрешни проблеми поврзани со корупцијата, пишува „Киев Индипендент“.

Од август, Русија ги интензивира нападите врз главниот град и се обидува да ја исцрпи украинската противвоздушна одбрана со постојани напади со беспилотни летала.

Во посебен ноќен напад, едно лице беше рането, а оштетени беа железничко депо, центар за складирање податоци и образовна установа.

Во регионот Суми, на северот на земјата, три деца беа повредени при бомбашки напад врз училиште, додека во тој момент се наоѓале во засолниште

Back to top button
Close