ВИДЕО: Блокади со СУП-даски во Охридското Езеро — граѓани протестираа во Лагадин против спорниот хотел

Граѓани со СУП-даски во Охридското Езеро кај Лагадин, вчера направија блокада и пренасочуваа бродови, глисери и скутери, барајќи да се почитуваат правилата за пловидба и безбедноста на крајбрежјето, објави 24инфо.

Акцијата ја организираше здружението „Стар Лагадин“, со поддршка од „Зелена народна стража“, а организаторите велат дека на ваков чекор се одлучиле поради, како што тврдат, недоволната реакција на надлежните институции.

На протестот беше побарана поголема безбедност и посериозна заштита на Охридското Езеро и неговото крајбрежје. Присутните прашаа: „дали треба да се случи трагедија за институциите да почнат да ги спроведуваат законите?

Од здружението предупредија и на опасностите од неконтролираната урбанизација и состојбата во Лагадин. Тие упатија критики и во однос на спроведувањето на препораките на УНЕСКО, оценувајќи дека долгогодишното одложување на мерките за заштита на Охридскиот Регион дополнително ја влошува состојбата.

На протестот побараа почитување на Законот за внатрешна пловидба, казнување на прекршителите и јасно обележување на границите на пловните патишта, означување пешачки премини и поставување сообраќајни знаци за регулирање на брзината долж населените места на охридското крајбрежје, како и итно донесување на просторниот план за крајбрежјето и истрага за причините за неговото пролонгирање.

Тие бараат антикорупциска истрага за постапката за издавање градежна дозвола за спорниот хотел во Лагадин, како и отстранување на сите дивоградби во подрачјето заштитено од УНЕСКО

Back to top button
Close