(Видео) Филипче: Очекувам Мицкоски да ми се извини јавно за лагите за имотниот лист
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Струмица, во одговор на новинарско прашање, потенцираше дека неговиот имотен лист и како министер и како пратеник е идентичен, односно дека единствената разлика е во начинот на пријавување.
„Имотниот лист е идентичен, кога ќе го видите вкупниот имот тој е со иста квадратура, единствена разлика е во начинот на пријавување. Во претходниот имотен лист не се ставаа, а сега има простор да се стават имотни листови како документи. Кога ќе се анализира сето тоа ќе се види дека е исто“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ очекува Мицкоски јавно да му се извини за, како што вели, изнесените лаги за имотниот лист.
„Откако ДКСК ќе го анализира случајот и апелирам тоа да се случи што побрзо, за да излезат со став и да кажат каква е фактичката ситуација, ќе барам од премиерот Мицкоски да излезе во јавноста и да ми се извини исто како што излезе вчера на интервју и ја кажа таа лага“, порача Филипче.