Видео + Фото: Граѓани се собраа пред амбасадата на Србија да дадат поддршка на Вучиќ

„На овој мирен собир сакаме да испратиме порака до сите мирољубиви луѓе дека никој и ништо не може да ги наруши меѓународните добрососедски и братски односи помеѓу нас Македонците и Србите“, рече Маја Денковска, претседателка на Здружението „Мир, слога, стабилност“.

Здружението на граѓани за унапредување на правата и интересите на етничките заедници „Мир, слога, стабилност“, денеска на пладне, организираше собир пред амбасадата на Република Србија за поддршка на политиките на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„На овој мирен собир сакаме да испратиме порака до сите мирољубиви луѓе дека никој и ништо не може да ги наруши меѓународните добрососедски и братски односи помеѓу нас Македонците и Србите. Овој собир е поддршка на претседателот Александар Вучиќ кој ја поддржува политиката на мирот, како во регионот, така и во светот. Тој е човек и политичар, еден и единствен, кој не побара од нас Македонците да го менуваме името на нашата земја, не побара да го менуваме Уставот, не побара да го менуваме сопствениот идентитет и јазик и што е најважно, човек кој не ја оспорува нашата историја“ – додаде Маја Денковска.

Собир пред Амбасада на Република Србија: Фотографија: Методиј Здравев

Таа потсети и на поддршката во екот на пандемијата кога Македонија доби вакцини од Србија и кога нашите сограѓани можеа да се вакцинираат во ова држава, без притоа со ништо да не бидеме условувани.

Денковска рече дека ние како две земји имаме исти заложби, а тоа е образованието и развојот на нашите деца кои се нашата светлост и иднина.

– За тоа се бори и претседателот Вучиќ, за тоа се бори и претседателката Силјановска-Давкова – рече Денковска и изрази благодарност до македонската власт која ја поддржува политиката за меѓусебна соработка меѓу нашата држава и Република Србија.

На настанот присуствуваше и амбасадорката на Република Србија во Македонија Невена Јовановиќ.

Во продолжение погледајте ја фотогалеријата од Методиј Здраве од Слободен печат.

Back to top button
Close